Loading Video...
Кошарка
22. October 2019 - 15:55

Ноќеска започнува новата сезона во НБА лигата

Ноќеска ќе започне новата сезона во најсилната светска кошаркарска лига НБА. 
 
Вообичаено сезоната ја отвора бранителот на шампионскиот трофеј, а годинава тоа е тимот на Торонто кој пред своите симпатизер го пречекува составот на Њу Орлеанс. 
 
И годинава конкурентите Торонто на Истокот, како и лани, ќе му бидат екипите на Милвоки и Филаделфија. 
 
Иако „Рапторси“ летово останаа без својот најдобар играч и МВП на минатогодишното финале Каваи Ленард сепак канадската екипа и во новата сезона важи за еден од главните конкуренти за највисок пласман. 
 
Вториот меч е дербито на Лос Анџелес, а според многумина и дуел на тимовите кои се претенденти за титулата. 
 
„Клиперси“ кои вечерва ќе ја имаат улогата на домаќини, се засилија токму со Каваи Ленард, кој ќе има голема поддршка од Пол Џорџ кој ја напушти Оклахома. Но, Џорџ поради повреда ќе го пропушти вечерашниот дуел, како и новото засилување на „Лејкерси“, Ентони Дејвис и Кајл Кузма кои треба да му бидат голема потпора на Леброн Џејмс во составот на “езерџиите“. 
 
Главни конкуренти на тимовите од „градот на ангелите“ барем што се однесува до Западната конференција ќе биде Хјустон кој летово во своите редови го донесе Расел Весбрук кој во тандем со Харден треба да го врати шампионскиот сјај на “Ракетите“. 
 
Затоа пак Голден Стејт ќе има тешка задача, бидејќи откако Кевин Дурант го напушти тимот, а Клеј Томпсон,  поради повреда се очекува да пропушти голем дел од сезоната, тешко дека Стеф Кари ќе може сам да ги води „Воините“ до висок пласман.