Македонија
26. May 2016 - 16:10

Нимиц очекува стабилна влада за продолжување на преговорите за името

Пропаднаа заложбите на Метју Нимиц за интензивирање на разговорите за спорот за името најавувани за јуни по изборите. Откако беа одложени изборите, посредникот сега најавува дека се до избор на нова влада нема да има значајни контакти. Сепак, Нимиц, во интервју за програмата „Гласот на Народот“ на ТВ. СОнце, вели дека не се откажува и веднаш по изборот на нова влада најавува засилен ангажман.

- Навистина се надевам дека наскоро ќе се разреши моменталната политичка безизлезност и верувам дека тоа ќе може да се стори само преку парламентарни избори кои ги исполнуваат критериумите од Пржинскиот договор. Откако ќе се постави демократски избрана влада, ве уверувам дека највисок приоритет во име на Обединетите Нации ќе ми биде повторно сериозно вклучување на меѓународните страни за да се реши прашањето за името, вели медијаторот. 

Тој вели дека во моментов не гледа конструктивна улога за медијаторот на ОН се додека трае политичката криза.

- Верувам дека политичките лидери  во Македонија треба да го постават националниот интерес на прво место, над традиционалните политики и да земат предвид што е најдобро за народот, потенцира  Нимиц .

Инаку Медијаторот Нимиц нов засилен притисок за решение на спорот за името најави неодамна по средбата со грчкиот шеф на диломатијата, Никос Коѕијас во Луксембург. Но и тогаш тие активности беа врзани со одржувањето избори и избор на нова влада.

За итноста од потребата за решение на спорот Нимиц зборуваше и во неодамнешното интервју за грчки Катимерини.