Македонија
3. July 2017 - 16:25

Нимиц не очекува решение во скоро време, ќе работи на приближување на ставовите помеѓу Скопје и Атина

Медијаторот Метју Нимиц не очекува драматичен развој на настаните околу спорот за името. По денешната средба со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров, Нимиц изјави дека во следните неколку месеци нема да стави на маса ниту нов предлог за името.
 
Нимиц, сепак утре нема да оди во Атина, како што беше претходно најавено. Тој образложи дека средбата со Коѕијас е одложена поради обврските на шефот на грчката дипломатија околу преговорите за обединување на Кипар, притоа не прецизирајќи кога ќе се одржи таа средба.
 
Во меѓувреме дел од медиумите објавија дека ,,црвените линии‘‘ на Грција не само што остануваат туку и се засилени со нови барања доставени до министерот Димитров при неговата посета на Атина. Според нив, освен одбивањето Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со Унијата под референцата, побарано е со промена на името да следи и промена на идентитетот, односно името на нацијата и јазикот.
 
Новото име освен во пасошите треба да стои и во личните карти, бидејќи како идни граѓани на ЕУ Македонците ќе можат да патуваат во нејзините рамки со лични карти. 
Побарана е смена на Уставот и името во него, додека  одлуката за името да биде донесена од Собранието, а не да оди на референдум, бидејќи при неуспех на истиот најмалку 20 години не може да се отвори тоа прашање. Коѕијас побарал согласност за името и од опозицијата, за да немаат проблем кога ќе се врати на власт и отстранување на сите антички споменици во Македонија.
Нимиц не сакаше да коментира дали очекува прогрес и кај,,црвените линии‘‘ на Атина, туку смета дека прогрес треба да има генерално.
Медијаторот Нимиц дојде во Скопје по точно три години, откако последен пат ги посети Атина и Скопје, Од тогаш до ден денес нема никаков напредок во разговорите за спорот за името.