Македонија
1. February 2018 - 14:05

Нимиц: Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист

Процесот оди напред, кај двете страни има волја да се најде решение. Се создава позитивен момент што треба да се искористи. Сега е вистинското време да се постигне решение и конечно регионот да тргне напред, а да продолжи соработката и пријателството меѓу двете земји, изјави посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц по средбата во МНР со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Прашан дали неговите предлози, покрај името, вклучуваат и промена на идентитетот, Нимиц рече дека досега не чул ништо од грчка страна што би значело порекнување на идентитетот на народот во Македонија

- Верувам дека решението, кое е можно, е конзистентно. Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист, изјави Нимиц. 

Димитров изјави дека станува збор за исклучително прашање за граѓаните на РМ и се следи со големо внимание и загриженост.

- Ние имаме целосно разбирање за тоа. Сакаме ова прашање да се реши на начин што и кај нас и во Грција ќе се смета за достоинствен. Имаме разбирање за граѓаните на Грција кои се идентификуваат како Македонци, но во Европа во 21 век не само нашите соседи во Грција туку никој не може да го допре и нашето право да бидеме Македонци и да зборуваме на македонски јазик, кој е во групата на словенски јазици, рече шефот на дипломатијата.

Димитров за важна ја оцени помошта на Нимиц, но предупреди дека треба да се биде исклучително внимателен при соопштување на крајните ставови во јавноста. Според него, за да има решение многу е важно во процесот да се однесуваме внимателно, бидејќи колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста толку помалку има простор за разговор и се намалуваат шансите да се најде решение што ќе биде прифатено за двете страни.

- Од наша страна има волја, се надеваме дека и од другата страна ќе има. Ако има достоинствен начин што го почитува идентитетотот и достоинството на двете страни, ќе го најдеме. Можно е и да нема таков начин, но наша обврска е да се обидеме да го најдеме, изјави Димитров.

Посочи дека се разговарало за идеите на Нимиц, детално и сериозно.

- Има идеи кои не се така лоши и некои кои не се така добри и создаваат загриженост кај нас. Врз осноа на тоа што го добил во Грција и од разговорите во Скопје ќе видиме како ќе тече процесот, рече Димитров.