Македонија
24. January 2018 - 23:49

Нимиц ги потврди посетите на Атина и Скопје

Медијаторот на Обединетите нации меѓу Македонија и Грција за спорот со името Метју Нимиц вечерва преку соопштение официјални ги потврди посетите на Атина и Скопје.

– На покана на владите на Грција и ПЈРМ, специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц ќе престојува во Атина и Скопје во периодот од 29 јануари до 1 февруари, се вели во соопштението.

Се додава дека посетата е дел од напорите на ОН да им помогнат на двете страни да пронајдат взаемно прифатливо решение за прашањето за името.

Како што претходно објави МИА, специјалниот претставник на ОН, на 31 јануари ќе пристигне во Скопје, а веќе следниот ден ќе има средби со државниот врв. Агендата за неговата посета сѐ уште е во фаза на услогласување.

На последната рудна разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија.

Во меѓувреме, Владата ги почна консултациите и анализата на предложената рамка на Нимиц. По денешната прва директна средба на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во Давос, најавена е координација на македонскиот државен и политички врв в сабота во Клубот на пратениците во Скопје.