Македонија
2. November 2015 - 11:39

Нимиц: Дојде време да се реши прашањето за името

Дојде време да се реши прашањето со името, изјави посредникот на ОН Метју Нимиц во интервју за „Катимерини“.

- Проблемот со бегалците, кој многу влијае врз двете држави, зголемувањето на терористичките закани во регионот, како и економските тешкотии со кои се соочува Југоисточна Европа, се дополнителни причини поради кои решавањето е од суштинско значење. Решението ќе ја отвори вратата за подобра соработка, посилен евроатлантски пристап кон решавање на регионалните прашања и би било од интерес на двете земји, истакнува Нимиц.

Медијаторот вели дека во текот на минатата година прашањето за името не било меѓу приоритетите, бидејќи двете земји имале и други важни прашања. Тој нагласува дека не критикува поради тоа, но додава дека е време сите со поголем интензитет да се фокусираат на оваа тема.

- Јас сум апсолутно убеден дека проблемот е решлив, за доброто на двете земји. Ова не е случај на „нулта сума“, кога една страна победува, а другата губи. Може да има решение што ќе биде од корист за двете земји, кое ќе ги покрие националните цели што двете страни ги сметаат за важни, изјави Нимиц додавајќи дека процесот за решавање мора да се забрза и во него да се вклучат и лидерите на двете земји.

Според Нимиц, решението за името на државата треба да го содржи терминот „Македонија“, но, исто така и „разумна одредница“ - географска оредница за да се обезбеди достоинството на земјата, но, исто така која ќе го разграничи големиот дел од Македонија кој е составен дел на Грција. Медијаторот, исто така, истакнува дека мора да има договор за „секундарните аспекти на името“, како што се опсегот на употреба и преодниот период, за кои изразува уверување дека можат да се решат преку сериозни преговори со добра волја. Нимиц нагласува дека мора да постои и уверување оти прашањето за какви било територијални аспирации не постои, мора да се почитува идентитетот на луѓето кои се инволвирани и да се почитува културното наследство на сите граѓани. Тој наведува дека забрзан процес на интеграција во НАТО е од суштинско значење, како и поддршка во утврдување на одредена временска рамка за започнување на процесот за пристапување во ЕУ.

- Во еден момент, подобро порано отколку подоцна, состанок на двајцата премиери ќе биде корисен, изјави Нимиц подвлекувајќи дека гледал како тие се движат како лидери и преговарачи, и откако се сретнал со двајцата на последното генерално собрание на ОН, смета дека тие „дефинитивно знаат како да се преговара“.

- Секој ќе ги брани националните интереси на својата земја, но тие имаат стратешка визија и политичка храброст за да се најде решение, нагласи посредникот на ОН и додава дека дијалогот меѓу двајцата шефови на дипломатии бил конструктивен и оти се надева дека ќе продолжи.

Коментирајќи ги премиерите на Македонија и Грција, Нимиц вели дека Груевски е многу сериозен и фокусиран на она што го работи.

- Тој е интелигентен соговорник. Тој има силна личност. Ефикасен и искусен лидер, и секако го познава ова прашање во сите негови аспекти, изјави Нимиц.

За Ципрас, медијаторот вели дека иако е на власт кусо време, стекнал многу искуство и додава дека е импресиониран од начинот на кој грчкиот премиер ги претставил своите ставови за време на дискусијата со генералниот секретар на ОН за голем број на прашања, вклучувајќи ја имиграцијата, економијата, кипарското прашање и, се разбира, прашањето за името.

На прашањето каков пристап има САД кон прашањето за името, Нимиц нагласува дека „до оваа фаза од неговата кариера, не зборува во име на САД“.

- Сепак, можам да кажам дека во САД има силен интерес за решавање на ова прашање. Тие имаат цврста политика за напредокот на Грција како сојузник и пријателска земја и сакаат да и помогнат на Грција за решавање на прашањата на начин кој ќе придонесе за зајакнување на пријателството меѓу двете земји и ја гледаат Грција, како клучен фактор за мир и безбедност во регионот. Тие се многу загрижени за стабилноста во Југоисточна Европа, особено во овој тежок период. По распадот на Југославија, САД ја поддржуваат Македонија, поттикнувајќи промовирање на демократските институции и процеси, економски развој, како и безбедноста, стабилноста и нејзиниот територијален интегритет како новосоздадена држава. Во тој контекст САД даваат висок приоритет на процесот на интеграција на земјата во пошироката Евро-атлантска рамка, особено на членство во НАТО и ЕУ, секогаш во согласност со правилата и процедурите, изјави Нимиц додавајќи дека како претставник на ОН, секогаш имал целосна поддршка и голем поттик од Вашингтон.

Во врска со плановите за посета на двете земји, посредникот на ОН потсетува дека не бил веќе една година, „затоа што во регионот доминирале многу други неодложни прашања“. Сепак, тој додава дека постојано е во контакт со двете страни, и изрази надеж дека наскоро ќе ги посети Македонија и Грција.