Македонија
17. February 2021 - 11:42

Николовски: Ќе направиме се за да докажеме дека искрено и одговорно работиме на борба против корупцијата

Оваа недела се очекува да биде формирана работната група за измени на Законот за борба против корупцијата по барање на ДКСК за што е веќе задолжен министерот за правда Бојан Маричиќ, а утре пред собраниската Комисија за политички систем ќе се најде Стратегијата за борба против корупцијата која долго време чека да дојде на дневен ред, рече денеска вицепремиерот Љупчо Николовски.

Николовски на прес-конференција во Царинската управа по повод запленетиот тутун што бил нелегално пуштен во промет, уште еднаш порача дека борбата против корупцијата ќе биде бескомпромисна и дека законите ќе важат еднакво за сите. Во ова насока, нагласи, активностите интензивно течат.

Вицепремиерот потсети и дека согласно вчерашната владина одлука, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) доби три ката во најдобрите простории со кои располага државата преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Во најскоро време, истакна, ќе се реализира и тендерот за софтверот на ДКСК и ќе се обезбеди потребната опрема.

-Како нова генерација луѓе во политиката, ќе направиме се за да покажеме и докажеме дека чесно, искрено и одговорно ќе работиме на борба против корупцијата и дека ќе носиме политики во тој правец. Се носи Стратегијата, се менува Законот за борба против корупција, отвораме теми како законско решение за потекло на имот, работиме на интероперабилност на институциите, потенцира Николовски

Според него, борбата против сивата економија, против се што е нелегално и стекнато на криминален начин, треба да е секојдневна, постојана.

-Акциите мора да се брзи, тука се слабостите, но мора да се брзи и ефикасни и судските постапки кои ќе ја испорачаат правдата. Јас можам да го гарантирам она што го ветивме – вклученост на сите 32 институции, меѓусебна поврзаност и интероперабилност. Можам и најотворено да зборувам за се што деноноќно правиме за да ги создадеме условите кои сме ги немале можеби две, три децении. Сега е дојден моментот, сега е ова приоритетна тема, борбата против корупцијата и криминалот е на врвот на владините приоритети и 2021-ва, гарантирам, ќе биде година на нулта толеранција за корупцијата. Ја праќаме пораката дека нема недопирливи и дека законот важи за сите, подвлече вицепремиерот.

Тој информира дека утрово имал состанок со членовите на ДКСК.

-Разговаравме за искуствата на ДКСК околу слабостите на новиот Закон за спречување корупција од 2019. Оваа недела треба да се процесуира формирањето работна група, денеска го договоривме, за да ги отстраниме сите слабости и проблеми со кои се соочуваат членовите н ДКСК, но и за да имаме ефикасни постапки и резултати, предмети кои ќе ја вратат довербата на граѓаните. Го задолживме министерот за правда Бојан  Маричиќ да формира работна група која ќе работи на измени на Законот за борба против корупција и за ова да се обрати до ДКСК, невладините организации, граѓанската платформа за борба пртив корупцијата. Со ова, веднаш излеговме во пресрет на барањето на ДКСК од минатата недела кое денеска стигна. Денеска закажавме состанок и го овластивме министерот за правда што покажува огромна политичка волја да вградиме во законски решенија и во сите механизми, се што препорачува ДКСК. Денеска отворивме уште една тема, добивме проект преку Советот на Европа за Законот за потекло на имот. Ова покажува целосна, максимална поддршка, соработка, поврзаност на институциите, посебно на регулаторните, независни тела, ДКСК и Заводот за ревизија, информира Николовски.

Во однос на Стратегијата за борба против корупцијата, посочи дека расправата и донесувањето биле закочени не поради него или Владата, туку поради блокадите во Собранието, поради немањето Парламент зашто опозицијата не сакала избори со месеци, како и поради техничката Влада која долго траеше.

За ДКСК, Николоски оцени, дека ќе биде сместена во одлични, репрезентативни услови. Обезбедени се, рече, и средства за реновирање, како и за софтвер.

-Таа работа ја избори Љупчо Николовски кој на 1 септември, на првиот состанок, на првиот ден од мандатот кажа дека мора да се обезбеди неповрзаност на ДКСК со останатите институции. Ако сакаме да имаме ефикасна, неселективна, бескомпромисна борба против корупцијата и ако сакаме да ја вратиме довербата на граѓаните, треба да ги ставиме на располагање овие работи. Јас сум прв што ја напомена оваа работа и кој се бореше заедно со министерот за финансии и со премиерот. Буџетот на ДКСК е веќе дуплиран и тендерот е во постапка. СОЗР е дел од Владата, а просторот за кој зборувате е на Акционерско друштво кое има сопствени кредити, давачки. Таму решававме како Влада проблем кој не е единствен, а е наследен од едно режимско време кога се трошеа парите на граѓаните на барок и на непродуктивни трошења. Не би се навраќал, очекуваме разрешница на се ова. За тоа сме добиле мандат, да ги решиме проблемите. Во таа насока е и новото Министерство. Но, во ниту еден сегмент и ниту еден ден не останавме неактивни. Направивме максимум, јас лично се вложив максимално ДКСК да ги добие просториите, напомена вицепремиерот Николовски.