Македонија
3. February 2021 - 13:21

Николовски: Интерпелација за Димитров заради тоталното фијаско со евроинтеграциите

На денешната седница на Собранието на Република Македонија се обрати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Александар Николоски кој ги образложи аргументите за интерпелацијата на Никола Димитров. 

Николоски веднаш на почетокот укажа на тоа дека самата интерпелација е само почетокот на планот на ВМРО-ДПМНЕ и останатите опозициски политички партии за рушење на парламентарното мнозинство на Зоран Заев и создавање на ново парламентарни мнозинство на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

Интерпелацијата е поткрепена со аргументи и според Николоски, пратениците треба да ја поддржат, бидејќи фијаското на Република Македонија во однос на интеграциите е спротивно на ветувањата на Зоран Заев и моменталното парламентарно мнозинство, односно ветувањата излегоа огромни лаги и манипулации.

Според Николоски за ваквата лоша ситуација на евроинтеграциски план, најголеми виновници се Зоран Заев и Никола Димитров, бидејќи неколку години наназад ги лажат граѓаните дека Република Македонија добила датум за почеток на преговори со Европската унија, а реалноста е сосема поинаква, односно Република Македонија не само што нема добиено конкретен датум, туку не се знае ниту дали воопшто ќе добие датум. Ова е огромен срам за државата и огромен неуспех на оваа Влада, вели Николоски.

Николоски потенцираше дека според извештајот на Транспаренси Интернешнл и рангирањето на Република Македонија на 111-то место по однос на корупција, Република Македонија не може да очекува позитивни вибрации од ЕУ, бидејќи корупцијата не е составен дел од европските вредности

СДСМ во својата програма дрско излажале дека на 26-ти март 2020 година Европскиот сојуз се согласил на почеток на преговори со Република Македонија, за што денес сведочиме дека е ноторна лага и манипулација на сопствениот народ. Вака не се води држава, вака не се водат ниту многу помали работи и токму поради тоа, одговорност мора да има, вели Николоски.

Факт е дека доколку СДСМ остане не власт, Македонија ќе остане пример за тоа како не треба да изгледа една земја во Европа. Доколку СДСМ остане на власт, Република Македонија нема да има светла иднина, напротив ќе остане земја на мрак и порази. На сето тоа мора да му дојде крајот,. бидејќи во спротивно самите ќе си ја потпишеме капитулацијата, додаде Николоски.

Ја понижија Република Македонија со распродавање на националниот идентитет, се смени уставното име, се посегна и по историјата и сето тоа само за да добиеме некаков фамозен датум, кој еве се уште го нема. Димитров и Заев мора да сносат одговорност за овие ноторни лаги и измислици, бидејќи само со носење на одговорност ќе се отворат очите на другите политичари кои можеби помислиле на ист начин да го изманипулираат сопствениот народ, истакна Николоски.

После сите отстапки во однос на договорите со Бугарија и Грција, после сите криминални афери, корупцијата која сега за жал е потврдена и од реномирани фактори во светот, Република Македонија се наоѓа во незавидна ситуација и од истата излез може да има само со пораз на СДСМ и промена на оваа криминално рекетарска власт. А потоа, секој да одговара и да сноси одговорност за своите постапки, заврши Николоски.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ