Македонија
29. July 2018 - 16:12

Николовски: Ако не помине договорот од Преспа, ВМРО - ДПМНЕ ќе преговара за подобар договор

Доколку сега не помине овој договор за името, ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне подобар во иднина, вели партискиот потпретседател Александар Николовски.

Во интервјуто за Радио Слободна Европа, Николовски потенцира дека ако Договорот од Преспа сега го прифатат граѓаните и Собранието работата е завршена и нема назад, но доколку биде одбиен идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне нов во кој нема да има промена на Уставот.

 Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. И сум апсолутно убеден да имаше Владата поинаква преговарачка позиција, можам и да ја објаснам во кое делови, дека ќе имаше подобар договор. Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред сè адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, вие да не ангажирате ниту еден и на крај да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира. Сметам дека можеме да седнеме и да го препреговараме договорот, затоа што сметам дека е и во интерес на Грција да се реши ова прашање и не можам да се согласам дека Грците немаат никаков интерес да се реши ова прашање и можеме да постигнеме апсолутно подобар договор, договор кој нема да значи промена на Уставот на Република Македонија.

Во исто време пак во во интервју за МИА, грчкот заменик министер за надворешни Јоргос Катругалос не остава простор за нови преговори околу овој спор во иднина помеѓу други Влади во Македонија и Грција.

Оценувам дека историскиот Договор од Преспа ќе помине со големо мнозинство меѓу пратениците. Не само поради тоа што целосно одговара, туку и повеќе од потребното, ја покрива грчката национална линија како што беше формирана од 2007, ако не и од 1995. По потпишувањето на договорот постојат два патишта, ратификација или отфрлање. Периодот на преговори заврши, вели Катругалос, потенцирајќи дека со договорот од Преспа почнува нова ера, а Грција е подготвена да и помогне на Македонија на патот кон Европската унија.