Македонија
24. јуни 2021 - 20:18

Николоски: Власта да ја согледа реалноста и да не крева лажна надеж за датум во октомври

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вели дека власта треба да ја согледа реалноста и да не крева лажна надеж за датум во октомври.

– Не мислам дека октомври е опција и не мислам дека воопшто треба да се создава лажна надеж кај граѓаните. Затоа што и досега многу пати беше создавана лажна надеж, јас континуирано од 2018 досега говорам дека нема да има датум за почеток на преговори. Но, власта ги игнорираше сите информации, рече Николоски во „Тема на денот“ на дневникот на Сител телевизија.

Николоски појасни дека во различни периоди од различни причини не добивавме датум, како што беше влегувањето во иста група со Албанија, неспроведувањето на реформи, неспроведувањето на препораките на ЕУ, случајот „Рекет“, француската нова методологија, па бугарската блокада.

– Јавно кажувам октомври да не се става на маса, првата следна опција е декември, но јас сум песимист и за тогаш,  затоа што Бугарија ќе има претседателски избори каде Радев ќе трча за втор мандат.  Она што мислам дека треба да се прави и да се согледа реалноста. Точно  е дека Бугарија стави вето, но точно  дека уште неколку земји членки не се за, но не се ни против. Мене дел од тие земји членки ми го кажуваат тоа. Во вторникот бев во Луксембург се сретнав со министри за надворешни работи и комесарот за проширување, истакна Николоски.

Тој вели дека одлуката за проширување не е единствената која ЕУ ја носи со консензус, и ако земјава ги исполни условите кои им се важи на другите земји ќе ја принудат Бугарија да ни дозволи датум.

– Постојат три причини зошто има скептицизам, прво е корупцијата,  немање на функционален систем на владеење на правото и во делот на безбедносни реформи и имплементација, нагласи Николоски.