Николоски: Брза пруга до Солун, олеснување на постапката за изградба на хотели се дел од проектите за развивање на туризмот по Коридорот 10 или автопатот Е 75

Во подготовка сме за градење на брза пруга од Скопје до Солун, на вчерашната седница на Владата усвоена е одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби, се отвараат нови винарии во Тиквешијата. Целта ни е да ја олесниме и изградбата на нови хотели и да ги задржиме туристите кои транзитираат низ Коридорот 10 или официјално Е-75, порача денеска вицепремиерот и министер за траснпорт Александар Николоски на панел дискусијата во рамките на конференцијата „ Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“.
- На дражавата и фалат хотели и повеќе добри хотели. Во моментов сме во една ситуација кога е навистина комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, зборувам во заштитените подрачја. Зборувам за Охрид, за Битола старото јадро, Кратово, Старата скопска чаршија... Таму е практично невозможно да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема ниеден хотел со пет ѕвезди или има ограничување во висините. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Од една страна во ред е и треба да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја олесниме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и за долж Коридор 10, истакна вицепремиерот.
Николоски рече дека Министерството заедно со Светска банка е веќе во постапка за набавка на интелегнтни транспортни системи, иновација во делот на автопатиштата. - Автопатите стануваат смарт автопати, стануваат нешто повеќе од само едно безбедно возење. Македонија прва во регионот ќе има смарт автопат од граница со Србија до граница со Грција, најави Николоски.
Тоа значи дека во реално време ќе може да се следат временските услови на патот, густината на сообраќај, со која брзина се вози, доколку има несреќи, електрични полначи, интернет итн. Втората работа што се работи на Коридорот 10 е целосна рехабилитација, иако одредени делови се во одлична состојба.
Потенцира дека туризмот е еден од главните приоритети на оваа Влада и оти не случајно минатата година се создаде Министерството за култура и туризам. Според него, земјава ги има искористено само 10 отсто од можностите за развивање на туризам.
- Потенцијалот е огромен, и би рекол дека не е ни десет проценти искористен од она што може да биде искористено. Тука, би рекол постојат огромни конфлити од она што сакаме да го постигнеме до законските одредби, заштитите... Тоа се стратегии кои во следниов период ќе мора да ги отвораме и да ги прилагодуваме на новото време доколку навистина сакаме да развиваме туризам, во спротивно ќе останеме на ова ниво на кое ние мислиме дека го има, а во суштина тоа не е така. Најдобар доказ за ова е растот кој што се случува последнава година, рече министерот за траснпорт.
Ретко која држава, потенцираше Николоски, има двоцифрени бројки на раст на ноќевања на туристи, ретко во која држава расте бројот на патници на аеродромите и луѓе кои доаѓаат во државата.
- Прво, од изборот на Владата до денеска имаме 21 нова директна дестинација до Македонија. Редовно се лета до скопскиот и до охридскиот аеродром. На тоа има дополнително 17 чартер дестинации. Дел летаат во зимскиот, дел летаат во летниот период. Особено ми е драго што ТУЈ најави пред некој ден нова линија со седумдневни аранжмани од Лондон, Гетвик до скопскиот аеродром што многу ќе значи за враќање на британските туристи во земјата, посочи Николоски.
Преку десет милиони луѓе минатата година поминале преку автопатот Е-75 односно Коридорот 10, а оваа година за првите девет месеци има рекордна наплата на патарини кои се главно на Коридорот 10 и, како што нагласи Николоски, тоа јасно кажува дека транзитот се зголемува. - И затоа тоа е коридор кој го носи најголемиот економски и бизнис потенцијал, и секако туристички потенцијал, рече министерот.
Силно се работи на брза пруга што тоа многу ќе значи за туризмот, додаде Николоски, посочувајќи на предноста што би ја имале доколку од Скопје до Солун се стасува само за час и дваесет-дваесет и пет минути, или од Белград до Скопје за два часа и 15 минути.
- Очекувам дека кога ќе се заврши Коридорот 10, кој ќе почнува од Виена, авиосообраќајот да се намалува кон јужните мориња, а да се зголемува оваа рута која поминува низ Македонија, рече Николоски.
На вчерашната седница на Влада е донесена одлука за целосен развој на локалитетот Стоби.
- Усвоивме одлука со која што Владата преку Министерството за транспорт ќе финансира целосен развој на локалитетот Стоби, односно целосно урбанистичко решение за Стоби. Тој и сега е добро позициониран и имајќи предвид дека има исклучок од автопатот и дека туристите директно можат да го посетуваат, но со овој развој што ќе го развиеме и вложувањата после мислам дека ќе стане далеку поатрактивен, изјави Николоски.
Во однос на винскиот туризам, министерот рече дека Владата го поддржува и оти се отвораат мали винарии, но и дека долж коридорот има и други атракции особено во јужниот дел од државата.
Николоски потенцира дека она што треба да го направиме е дека дел од туристите што поминуваат низ Македонија треба да ги задржиме подолго во земјата.
На панел дискусијата се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој истакна дека Е-75 ги поврзува северот со југот, градовите со малите заедници, луѓето со нивните соништа. Но, како што рече, прашањето е дали навистина го гледаме потенцијалот што се крие по овој автопат.
- Јас сум убеден дека секој километар од овој пат носи во себе можност за нова соработка, ново партнерство и нов развој. Секое мало место, секој локален занает, секој ресторан или кафуле што со гордост ја раскажува својата приказна се дел од една поголема слика, туристичка приказна што може да ја раскажеме надвор од границите на нашата земја. Тоа е нашата автентичност, нашата сила и нашата шанса. Замислете турист кој застанува во едно од тие места, пробува локален специјалитет или дегустира некоја автохтона сорта вино, разговара со занаетчијата и продолжува понатаму во добро расположение. Тоа е вистинската моќ на Е-75 – да ги поврзе луѓето и да отвори нови можности, рече Љутков.
Министерот за култура и туризам посочи дека за да го претвориме овој потенцијал во успешна приказна, потребно е да се размислува пошироко, односно како да се интегрира туристичката понуда по должината на автопатот или како да се создаде синергија меѓу транспортот и туризмот. На конференцијата беа претставени неколку мали компании со свои производи.
- Зашто само кога патувањето станува доживување, а движењето инспирација, можеме да зборуваме за вистински креативен и одржлив туризам. Во тој контекст беше и работилницата за развој на креативен туризам што се одржа во текот на вчерашниот ден, од која произлегоа идеи за начините како домаќинствата во руралните и во урбаните средини да ја збогатат својата туристичка понуда. Тоа е нашата цел – да создадеме Коридор каде што инфраструктурата и туристичката понуда се дел од истата приказна, бидејќи креативниот туризам не е само посета на музеј или археолошки локалитет, тој е учество, интеракција, споделување на културата и традицијата, посочи Љутков.
Тој додаде дека целта на настанот е да се разменат идеи, да се поттикнат партнерства и да се најдaт заеднички начини за Е-75 да отвори конкретни можности за локалниот развој, за нови бизниси, за културна и гастрономска размена; за секоја општина, секој град и секоја локална заедница по должината на овој автопат да може да ја препознае својата уникатност и да ја претвори во туристичка вредност за поврзување на локалните производители, угостители, занаетчии и институции во заедничка понуда што ќе ја прикаже нашата земја на еден нов, автентичен начин.
- Знаете, транспортот и туризмот се две страни на една монета затоа што транспортот може да ја носи економијата, но туризмот ја носи душата на едно место. А кога овие две сили ќе се здружат, тогаш се создава одржлива енергија што го движи целиот регион напред, потенцира Љутков.
На втората Панел дискусија на денешната конференција беше презентиран Македонскиот павилјон и неговата концепција на EXPO 2027 Белград. Александар Велиновски, кој е комесар на Македонскиот павилјон, ги презентираше плановите за нашиот штанд во Белград, а најави дека во текот на 2026 година ќе бидат објавени повици и ќе се организираат можности за наши компании да се пријават и да можат да се претстават на оваа светска манифестација.
МИА
Ново на Сител
-

Орбан: Унгарија нема да го спроведе миграцискиот пакт на ЕУ, нема да прифаќа мигранти
-

МВР во петок ќе уништува гранати во Полицискиот центар во Ѓорче Петров
-

Словенија: Илегалниот отпад е бизнис вреден милиони евра, полицијата формира посебен оддел за еколошки криминал
-

Алиу: Министерство за здравство е посветено темелни реформи на системот на примарна здравствена заштита
-

Тројца загинати и 55 спасени мигранти во близина на грчкиот остров Гавдос
-

Конференција „Западен Балкан 2030“: Дигитализацијата е клучот за соработка во регионот и за нејзината одржливост
-

Средба на претседателот на Собранието Гаши со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија
-

ДИК ги прогласи Локалните избори 2025 за конечно и официјално завршени
