Свет
3. March 2017 - 13:32

Никола Страџен: Владата на Меј нема мандат во Шкотска за да не извлече од ЕУ

Шкотскиот прв министер Никола Страџен изјави во Единбург дека Владата на премиерот Тереза Меј „нема мандат во Шкотска и е без демократска база, за да не извлече од ЕУ и од заедничкиот пазар на Унијата“.

Острата реакција на Старџен доаѓа по критиките што Меј ги изрече на сметка на „шкотските сепаратисти“ во владејачката Шкотска национална партија (СНП) околу навестувањата дека владата во Единбург се подготвува за покренување иницијатива за втор референдум за независност.

Во интервју за Би-Би-Си Шкотска, Меј која е во Шкотска за да учествува на конференцијата на тамошната Конзервативна партија, изјави дека идејата за Шкотска независност е како „визија во тунел“.

Страџен, меѓутоа, возврати со обвинување дека британската влада продолжува со својата, како што рече, тврдоглавост и непомирливост, при соработката со доволуираните администрации (во Шкотска, Велс и Северна Ирска) во пресрет на формалното отворање на преговорите со ЕУ за Брегзит.

- Ако британскиот премиер доаѓа во Шкотска за да ни кажува кој ги има овластувањата за управувањето со земјата, како што правеа и сите нејзини ториевски претходници, тогаш Меј треба да знае дека нема мандат, а ниту основа да ја извлече Шкотска од ЕУ и од единствениот пазар на Унијата, порача шкотскиот прв министер Старџен.

Според нејзиното мислење, деволуцијата (пренесување на овластувањата од Лондон на трите покраини) се соочува со најтешките предизвици во последните 20 години.

Таа рече дека Шкотска нуди и прифаќа концесии, кога станува збор за Брегзит, во справувањето со владата во Лондон за оваа нова ситуација, но од таму не само што не се реагира на соодветен начин, туку се заоструваат позициите околу британското напуштање на ЕУ.

Владата во Единбург веќе публикуваше документ од 60 страници во кои се изнесени предлози за тоа како Шкотска да остане на заедничкиот пазар на ЕУ, дури и ако Британија се повлече. Во него се споменува дека доколку ништо од тоа не се исполни, тогаш организирањето втор референдум за независност ќе стане сосема неизбежна опција.