Македонија
3. December 2020 - 21:17

Невладините бараат да не се градат хидроцентрали на Шар Планина - Идниот национален парк

Се помалку има вода за пиење, а издашноста на изворите е загрозена. Невладиниот сектор е против изградбата на хидроцентрали на Шар Планина. Тие реагираат иако со новиот закон Шара треба да стане национален парк, од постоечките 16, број на малите хидроцентрали ќе се зголеми на 40.

Од владата велат дека сите коментари и забелешки се земаат предвид и се вложуваат напори да се внесат во предлог законот.

Процедурата за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк е во фаза на  разгледување на коментарите и забелешките од јавноста и постапување по истите за што се изработува Извештај кој ќе биде јавно објавен. Рокот за доставување на коментари од јавноста беше продолжен и заврши пред 10 дена, така што во моментов службите заедно со експертите кои ја изработија студијата за валоризација и предлог зонирањето ги разгледуваат сите писмени и устни коментари поединечно, велат од владата.

Пред три дена 44 граѓански здруженија поднесоа иницијатива во министерството за животна средина за измени на нацрт законот. Се надеваат дека надлежните нема да останат глуви за нивните барања.

Инаку идејата, Шара да биде прогласена за национален парк е стара 20 години. Во Косово, планината е заштитено подрачје 30 години.