Бизнис
27. November 2015 - 12:46

Нето платата во септември 22.024 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава била 22.024 денари што е зголемување за 3,5 отсто во однос на истиот месец лани, а просечната бруто плата достигнала 32.307 денари или 3,7 проценти повеќе, соопшти Државниот завод за статистика.

Зголемувањето на нето платата се должи, пред се, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите Уметност, забава и рекреација (54,7 отсто), Други услужни дејности (27,3) и Административни и помошни услужни дејности (8,4). И зголемувањето на бруто платата се должи, пред се, на зголемувањето во секторите Уметност, забава и рекреација (43,9 отсто), Други услужни дејности (23,9 отсто) и Административни и помошни услужни дејности (девет проценти).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на претходниот месец е забележано во секторите Уметност, забава и рекреација (38,2 процента), Други услужни дејности (18,9 отсто) и Преработувачка индустрија (1,3 проценти), додека зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во однос на претходниот месец е забележано во секторите Уметност, забава и рекреација (28,4 отсто), Други услужни дејности (14,8 проценти) и Административни и помошни услужни дејности (1,3 отсто).

Во септември 2015 година, еден процент од вработените во Република Македонија не примиле плата.