Македонија
25. July 2020 - 18:40

Нестабилно време со пороен дожд во неколку региони во земјава

Во Штип за девет часа наврнале 19 литри дожд на квадратен метар, пет во Скопје – на мерната станица Зајчев Рид, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи за мерењата на наврнат воден талог до 17 часот.

Нестабилна облачност која наместа беше проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер почна да се развива околу пладне и попладне. Како што соопшти попладнево УХМР, процесите биле поинтензивни во атарот на Светиниколско и во регионите на Кичево, Велес, Маврово и Скопје.

Дневните температури се над 30-тиот степен: 30 во Берово и Крива Паланка; 31 во Охрид, Тетово и Претор;  32 во Виница, 33 степени во Битола, Прилеп и Скопје (Петровец); 34 во Демир Капија и Струмица и 35 степени измерени во Скопје (Зајачев Рид) и во  Штип.

До крајот на денов претежно во планинските региони ќе има нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено повеќе во североисточните делови на земјава.

За утре УХМР прогнозира променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер. Во Скопје утре попладне ќе има услови за краткотраен пороен дожд и појава на грмежи, како и засилување на ветерот.

-Во понеделник ќе настапи стабилизирање на времето и ќе дува засилен северен ветер. Под влијание на многу топла воздушна маса до петок времето ќе биде сончево и многу топло со температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени, соопшти УХМР.