Македонија
11. January 2018 - 15:51

Нема повреда на Законот за основно образование со бадникарските поворки

Со учеството на учениците во бадникарските поворки во саботата не е прекршен Законот за основно образование бидејќи децата во таа верска манифестација не биле организирани  во училиштата што е казниво со законот.

Инспектори од Државниот просветен иснпекторат (ДПИ) завчера и вчера извршиле надзор и досега добиле записници од 162 градски училишта од повеќето градови низ Македонија, меѓу кои и од 34 основни училишта во Скопје.

Директорот на ДПИ Томе Спировски за МИА изјави дека од официјалните записници што инспекторите ги добиле по разговорите со училишните раководства во дводневниот инспекциски надзор, заклучено е дека во ниту едно училише нема повреда на Законот за основно образование, зашто не е констатирано подготовка и план за  верската прослава. 

- Важно за нас е и тоа што немаме ниту една претставка или поплака од родител дека детето му било злоупотребено. Со оглед дека децата се на зимски распуст, најверојатно, според сознанијата добиени од записниците, учеството во поворките за Бадник биле организирани преку социјалните мрежи, изјави Спировски. 

Нагласи дека надлежноста на ДПИ е да проверува дали законот се прекршува во училиштата, но не може, како што рече, да ги спречи децата да бидат на улица, каде што се граѓани исто како и нивните родители и наставници. 

Откако Детската амбасада „Меѓаши“ реагираше поради учеството на групи деца во бадинакарските поворки, Министерството за образование и наука на 8 јануари му наложи на ДПИ да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање.

Спировски додава дека и без тоа Инспекторатот по службена должност го контролира можното прекшување на законите и злоупотреба на децата во верски или политички цели.

Вели дека се работи за сериозен прекршок кој се казнува со 1.600 евра за училиштето, 30 отсто од определената глоба е за директорот и од 200 до 400 евра е износот на казната за наставникот.