Македонија
20. October 2020 - 16:46

Нема онлајн судења но во судницата ќе има растојание од 2 метри - дали ова е применливо?

Физичкото растојание од два метри меѓу присутните во судница станува задолжително за судските рочишта. Здружението на судии со протокол го регулира работењето на судовите во услови на пандемија. При влез во судница задолжително ќе биде дезинфицирањето раце, се бара проветрување на просториите а во согласност со просторните услови ќе се ограничи и на присутни кои не се дел од судскиот процес.

„Предност ќе имаат странките во постапката, нивните помошници, како и другите лица кои што се повикани со судска покана“.

Адвокатите сметаат дека поголем дел од судовите немаат можност да ги спроведат мерките за одржување на судењата.

„Кривичниот суд располага со неколку големи судници каде што може во целост да бидат испочитувани протоколите, но дел од судниците се мали и сметам дека нема да може да бидат применливи тие протоколи во одредени постапки“, изјави Павлина Зефиќ, Адвокат.

Претседателот на судскиот совет, Киро Здравев, за Сител вели дека се следи состојбата но засега не се предвидува одложување на судењата кои не се итни. За Онлајн судењата да станат задолжителни вели потребни се законски измени. 

Адвокатите се песимисти дека може во пракса да се спроведуваат онлај рочишта. 

„Сметам дека ќе бидеме исправени пред огромен предизвик да спроведеме едно такво онлајн судење особено ако земеме предвид дека судиите кубурат со техничка опрема, значи технички се уште не се опремени. Допрва ги опремуваат судниците за тонски да се снимаат судењата, така што сметам дека нема да можат голем број на судии да одговорат на овој предизвик да одржуваат онлајн судења“, вели адвокатот Зефиќ.

Поради заразени со корона, одложени се судењата за неколку предмети во кои им се суди на поранешни функционери. 

Во меѓувреме, државното правобранителство најавило дека до крајот на месецов нема да е дел од судските постапки бидејќи повеќемина правобранители добиле решенија за самоизолација.