Македонија
28. February 2020 - 10:11

Нема нови случаи на коронавирус, се чекаат резултати од тест на уште едно лице

Нема нови случаи на лица позитивни на коронавирус во земјава. Во моментов се чекаат резултати од тестирање на едно лице кое на 22 февруари се вратило од Италија во Струмица. Тој поради покачена температура се јавил во соодветна здравствена установа каде му се направени тестови за присуство на коронавирус, соопшти утрово на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој информираше и дека се размислува за ограничување на јавни собири, за што денеска на седница ќе расправа Владата и ќе донесе одлука.

– Нашиот предлог е да се забранат сите јавни собири каде има голема бројка на граѓани без разлика дали се во затворен или отворен простор. Сметам дека треба да се откажат сите големи јавни собири вклучително и спортските натпревари, рече Филипче и додаде дека предлогот е забраната да важи една недела и потоа доколку има потреба да се одлиучи дали ќе биде продолжена.

Засега единствен случај на лице заразено со коронавирисот останува веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот Ковид-19.

Пациентката, рече Филипче, се чувствува добро, и според лекарите веќе влегува во фаза на оздравување.

 

 

Министерот информира дека 12 лица, од кои две деца, кои биле во контакт со оваа пациентка, се уште во домашна изолација.

Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.

Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба“.

Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хроинично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента.