Македонија
30. October 2019 - 20:01

Нема кој да ги замени универзитетските професори кои одат во пензија

Нема кој да ги замени универзитетските професори кои одат во пензија. Само 20 отсто од професорите на УКИМ и 11 проценти на Битолскиот универзитет имаат асистенти. Сликата не е ништо подобра ниту на Штипскиот. Независниот академски синдикат бара итно да се вработат 300 луѓе на УКИМ и уште 100 на останатите Универзитети. Велат дека поради ниските плати студентите не сакаат да бидат ангажирани на самиот факултет. Според податоците на Накс, наставниот кадар на државните Универзитети зема најниски плати во регионот.

- Кога зборуваме за плати мислиме на платите на подмладокот. Тие плати апсолутно не се атрактивни. На оние факултети чии студенти пазарот ги бара младите луѓе едноставно, не најдобрите, туку генерално сите не помислуваат да останат на факултет, вели претседателката на Накс, Маја Стевановиќ.

Големиот број на проблеми во високото образование вчера НАКС ги презентирале пред министерот Адеми. Велат дека ги доближиле ставовите и оти постепено ќе се работи на подобрување на состојбите. Прв чекор е потпишување на првиот колективен договор во дејноста.

- МОН го задолжи Накс во најбрз можен рок, од 7 дена, да го достави својот првичен предлог за колективен договор, кој е во финална фаза на подготовка. Министерот беше начелно информиран за содржината на договорот.

Податоците на Накс покажуваат дека само УКИМ има значително поголем број на наставен од административно-технички кадар. Тетовскиот и Штипскиот имаат речиси идентичен број на наставен и ненаставен кадар. Дури 15 отсто од вработените на овие два Универзитети се со основно образование.