Македонија
5. јуни 2019 - 16:17

Нема да се учи во сабота но школската година ќе трае подолго

Нема повеќе учење во сабота,  се воведуваат платени неработни денови за наставниците за време на зимскиот распуст, построга контрола околу квалитетот на исхраната и намалување на бројот на ученици во паралелките. Ова се само дел од измените во новиот Закон за основно образование.

Укинувањето на непродуктивните работни саботи ќе значи дека 10-ти јуни нема да биде денот кога почнува летниот распуст.

“Предвидено дека веќе саботите нема да се одработуваат бидејќи тоа досега резултира како непродуктивно. Ако треба школската година ќе потрае малку подолго зависи колку денови од настава е изгубено...”

Предвидена е и корекција во бројот на ученици во една паралелка. Сегашниот праг од минимум 24, а максимум 34 ученици, ќе се помнести на најмалку 20, а најмногу 30 деца во една паралелка.

Имајќи ги предвид неповолните резултати на нашите ученици на меѓународните тестови, но и споредбите со останатите образовни системи, новото законско решение нема да предвидува намалување на бројот на наставни часови и денови.

“Нашите ученици до 14 години добиваат над 900 часови помалку од нивните врсници во други земји од ОЕЦД што е рамно на една и пол година образование…”

За целосна вклученост, со новиот закон се опфатени и учениците со попреченост. Предвидени се посебни паралелеки во редовните училишта, додека посебните училишта од учебната 2022/23 нема да можат да запишуваат ученици со попреченост.

Измените ќе бидат подложени на јавна расправа во следните 20 дена, по што ќе следува поднесување на текстот на Законот до Владата и до Собранието. Се очекува новиот Закон да биде во сила на почетокот на следната учебна година.