Свет
15. September 2017 - 11:12

Неколкумина повредени во експлозија во лондонска метро-станица

Неколку лица се здобија со изгореници на лицето, при експлозија на содржина во корпа за отпадоци крај воз во лондонското Метро.

Според „Мирор“, по експлозијата, од кантата почнал да излегува непознат гас.

Би-Би-Си наведе дека полицијата соопштила оти е запозната со инцидентот на станицата „Парсонс Грин“ во западниот дел на Лондон, по што на местото на настанот се испратени голем број полицајци, како и противпожарни и амбулантни возила.

Сепак, лондонската полиција соопшти дека официјално ќе се огласат за инцидентот, кој се случи околу 8 часот, по локално време, откако ќе бидат сигурни во прецизноста на информациите.

Очевидци изјавија дека по експлозијата настанала голема паника меѓу патниците и оти неколку лица се здобиле со полесни повреди при турканицата.

Операторот на лондонското метро соопшти дека возовите на целата линија се сопрени.