Loading Video...
Свет
26. September 2021 - 21:15

Неизвесна трка на изборите во Германија

Првите бројки од изборите во Германија покажуваат благо водство на социјалдемократите пред демохристијаните. Според прелиминарните резултати СПД засега има освоено 25,2 , а ЦДУ 24, 6 проценти од гласовите. Во ЦДУ признаваат дека се разочарани од ваквиот исход. Ако се задржат ваквите бројки ова ќе бидат најлоши избори за конзервативците од 1949 година.

За разлика од ЦДУ во штабот на СПД се задоволни. Иако резултатите не се баш онакви на какви се надеваа, тие се значително подобрување од изборите во 2017та. Лидерот на социјалдемократите, Олаф Шолц веќе се гледа како наследник на Ангела Меркел.

На трето место се Зелените со 14, 8 проценти од гласовите, со одлични резултати во Берлин каде најдобро помина нивната кампања за климатските промени.

Крајнодесничарската и антимигрантска АФД со 11, 3 проценти и Слободните демократи се на дното на трката. Излезноста на овие избори во Германија изнесува 78 проценти, а тесните резултати укажуваат дека најверојатна е старата  коалиција меѓу СДП и ЦДУ која е на власт од 2013 година. Но, постојат уште две опции, можна коалиција на ЦДУ со Зелените и Слободните демократи, или истиот сојуз кој би го предводеле социјалдемократите. Канцеларот би бил избран дури откако ќе се оформи владеачката коалиција, а овој процес може да трае со месеци. Во меѓувреме, државата ќе продолжи да ја води Ангела Меркел.