Македонија
17. January 2022 - 16:34

Не се знае кога ќе се расчистат одроните на патот Штип - Миладиновци

Надлежните се уште без одговор кога ќе ги расчистат одроните на автопатот Штип – Миладиновци. Директорот на ЈПДП вели институцијата прави напори за брзо расчистување, но техничките процедури биле долги.

-Во моментот во процедура е вадење на решение за времена измена на режимот на сообраќај на предметната делница. При крај е изготвување на техничката документација за олеснување на косината и расчистување на паднатиот материјал на коловозот, што значи отстранување на карпите и слободниот материјал кој може да падне од косината. Ве уверувам дека првата Јавна набавка од 2022 ќе биде токму изборот на изведувач за отстранување на одронот, вели Рустеми за Сител.

Но веќе на нашето трето прашање не добивме одговор. Миладиновци – Штип е најновиот автопат во државата. Направен беше некаде во 2017-та, а пуштен во употреба во 2019-та година. Поради тоа не интересираше дали тој е под гаранција и со тоа расчистувањето ќе оди на сметка на изведувачот, или сметката ќе ја плати државата преку ЈПДП кој е инвеститор. Но наместо одговор Рустеми ни спушти.

Половина час потоа пр-службата ни се јави за да се извини и да ни каже дека во прашање биле технички проблеми и оти во моментот на интервјуто во неговата канцеларија влегле странки, па бил принуден да го прекине разговорот.

Веќе втор месец поради два големи одрони автопатот Штип Миладиновци е небезбеден за патниците од Свети Николе кон главниот град. Карпите зафаќаат две ленти, и возачите се принудени да користат само една. Додека се чека расчистувањето на одроните интензивно се работи на изградба на патарината кај селото Преод.