Македонија
10. November 2025 - 19:51

Не се намалува бројот на сообраќајки во главниот град – Дневно Брзата помош интервенира на 3-4 несреќи

Жена прегазена на пешачки во Аеродром, полицаец удрен од автомобил додека извршувал службени дејствија во Дебар Маало, судар и тепачка на булевар во Скопје. Ова се само дел од сообраќајните прекршоци викендот во билтенот на МВР. На најголемиот дел од нив интервенирале и екипи на Брзата помош. Од Службата велат дека речиси секојдневно имаат по 3-4 повици за сообраќајки во главниот град.

- Дел од тие интервенции завршуваат на лице место со повреди кои не бараат хоспшитализации, добар дел од нив завршуваат со тешки телесни повреди и потреба од болничко лекување, а дел за жал се и со смртни последици. Добар дел од нашата обемна работа опфаќаат и сообраќајните несреќи, изјави д-р Анита Димовска, раководител на Службата за итна медицинска помош – Скопје.

Големата брзина, непочитување на сообраќајните правила и прописи, консумирањето алкохол и психотропни супстанци и користењето на мобилен додека возат остануваат најчести причини за сообраќајни несреќи. Од Брзата помош информираат дека најголем дел од учесниците во сообраќајќите се возачи почетници и млади лица до 30 години. Лекарите апелираат граѓаните посебно да бидат внимателни кога возат периодов кога има повеќе слави и се доближуваат новододишните прослави.

- За да не дојде до несакани последици и загрозување на животи, би апелирала за возење со прилагодена брзина на патот, да не се консумира алкохол и психоптропни супстанци и да се седнува на волан, како и да не се користи мобилен телефон и да не се слуша гласна музика бидејќи не може да се слушне звучното предупредување, апелираше д-р Димовска. 

Токму и поради овие прекршоци викендот полицијата санкционирала близу 1500 возачи низ цела Македонија. Половина од казнетите не ја почитувале пропишаната брзина на движење.