Кошарка
5. January 2021 - 11:54

НБА: Далас го „освои“ Хјустон

Лука Дончиќ, Стеф Кари, Јанис Адетокумбо, Џејсон Тејтум и Џулиус Рендл ја обележаа изминатата ноќ во НБА-лигата, во која беа одиграни девет натпревари.
 
Дербито на државата Тексас му припадна на Далас. Маверикс славеше во дуелот со Хјустон победа од 113:100. Блескаше Лука Дончиќ со трипл-дабл од 33 поени, 16 скока и 11 асистенции за 38 минути. Словенецот го запиша 26. трипл-дабл во кариерата. Кај Далас со 30 поени се истакна и Тим Хардавеј Јуниор. Најдобриот играч на Хјустон, Џејмс Харден, натпреварот го заврши со 21 поен и 10 асистенции.
 
Голден стејт Вориорс го декласира Сакраменто Кингс со 137:106. Вориорс го предводеше Стеф Кари со 30 поени, девет скока и осум асистенции. Кари доби помош од Кели Убре (18 поени) и Ендрју Вигинс (16 поени).
 
Бостон во дербито на Истокот лесно славеше победа над Торонто 126:114. Кај победниците блескаше Џејсон Тејтум, кој постигна 40 поени. На спротивната страна најефикасен беше Фред Ванвлит со 35 поени.
 
Милвоки Бакс немаше никакви проблеми во дуелот со Детроит Пистонс. Бакс, предводен од Јанис Адетокумбо (43 поени, 9 скока), победи со 125:115.
 
Њујорк Никс го бележи најдобриот почеток во сезоната по 2012 година кога последен пат играше во плејофот. Со новиот тренер Тим Тибодо, Никс има четири победи и три порази. Последните четири натпревари Никс ги играше како гости, забележа три победи.
 
Никс победи во Атланта со 113:108. Најзаслужен за победата е Џулиус Рендл со 28 поени и 17 скока.