Свет
22. јуни 2017 - 10:29

Напад врз полицаец на американски аеродром

Еден Канаѓанец со нож нападна полицаец на аеродромот во градот Флинт во американската сојузна држава Мичиген, инциднет кој Федералното истражно биро (ФБИ) го истражува како акт на тероризам.

Амор Фтухи (50), кој наводно пред нападот извикал „Алах акбар“, е обвинет за кривично дело насилство на меѓународен аеродром, се наведува во соопштението на американскиот државен обвинител Даниел Лемиш.

Фтухи е обвинет дека со нож го нападнал поручникот Џеф Невил на Меѓународниот аеродром Бишоп.

- Тој во аеродромот влегол со две торби, но не во својство на патник, изјави специјалниот агент на ФБИ, Дејвид Гелиос.

Според обвинението. Фтухи на аеродромот се задржал околу 40 минути, а потоа го нападнал Невил.

- Тој некое време бил во тоалет, каде ги оставил двете торби. Излегол, извадил нож и извикувајќи Алах акбар со нож го прободел поручникот Невил во вратот, посочи Гелиос.

Во обвинението се наведува и дека Фтух исто така изјавил: „Вие убивате луѓе во Сирија, Ирак и Авганистан и сите ќе умреме“.