Македонија
13. April 2020 - 18:58

Наместо 14, 21 ден карантин за сите повратници од странство

Македонските граѓани кои од денеска ќе влезат на граничните премини во земјава, а доаѓаат од земји со висок ризик од кронавирус, наместо 14 дена ќе треба да проестојуваат во карантин најмалку 21 ден. Мерката, како што одлучи Владата на денешната 40-та седница ќе важи за сите наши државјани вратени во земјава со хуманитарни летови или со конвои по копнен пат.

-Владата донесе и Уредба за дополнување на Уредбата за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, според која, на државјанин на Република Македонија, кој влегува на граничните премини во нашата држава по 13 април 2020 година, а бил затекнат во земји со висок ризик од коронавирус КОВИД-19, согласно листата на Светската здравствена организација (СЗО), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето во Македонија, соопшти владината прес-служба.

На денешната седница, се додава во соопштението, беше донесена и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните вратени од странство со хуманитарни летови, според која оваа Одлука важи и за  сите државјани на Република Македонија, вратени од странство и со конвои по копнен пат.