Македонија
11. November 2015 - 9:39

Намалени цените за сместување во старски дом „Д-р Иван Влашки“ во Берово

Берово ги намали цените на сместување во новиот старски дом „Д-р Иван Влашки“. Во новиот оглас за прием на станари, наместо првичната цена од 25 илјади денари, старите лица кои ќе сакаат третата доба да ја поминат во оваа општинска установа ќе плаќаат 15 или 18 илјади денари.

 
Како што информира градоначалникот на Берово, Драги Наџински, старите лица за кои не е потребен посебен третман ќе ги користат услугите на домот за месечен надоместок од 15 илјади денари, додека пак за старите лица со хронични билести и неподвижни за кои е потребен посебен третман месечното сместување ќе чини 18 илјади денари.
 
- Ова намалување на цените на сместување е резултат на фактот кој зборува дека реално пенизонерите од регионот и немаат толку високи примања. Ние се одлучивме во проектирањето на новиот буџет да предвидиме средства за субвенционирање на домот, појасни Наџински.
 
Градоначалникот Наџински истакна и дека со отворањето на другото крило, ќе има повеќе згрижени лица и цената ќе биде економски оправдана.
 
- Овде старите лице ќе имаат 24-часовна грижа, ќе добиваат по 5 оброка, секојдневна работа со социјален работник и редовна здравствена заштита. Сместувањето е  во комплетно новоизградени двокреветни соби, опремени со мини кујна, телевизор, интернет, тоалет со бања, заеднички простории за друштвени игри, хортикултурно уреден двор, појасни Наџински.
 
Интерес за сместување во старскиот дом во Берово има. Досега се примени 7 апликации, а првите станари се очекуваат наредната недела. Инаку, старскиот дом во Берово е со капацитет за 15 лица и е прв дом во регионот кој ќе нуди 24 часовна грижа за стари лица. Домот е граден со финансиска поддршка од НВО Холандија - Македонија и Министерството за труд и социјална политика, а вкупната инвестиција е 140 илјади евра. Во соработка со истата невладина, се инвестира во изградба на уште еден објект, каде ќе се сместат уште 15 стари лица.