Македонија
29. October 2016 - 12:04

Намалена невработеноста во Крива Паланка и Ранковце

Од 6.848 невработени лица во 2006 година во општините Крива Паланка и Ранковце, заклучно со септември годинава оваа бројка е намалена за 2.360 и изнесува 4490, информира Подрачната единица на Агенцијата за вработување.

Според официјалната статистика, бројот на невработени во двете општини во изминатата деценија е намален за 34,49 отсто, додека вработеноста е зголемена за 36,42 отсто.
 
- Во 2006 година во Крива Паланка и Ранковце вработени биле само 2.980 лица, а денес, заклучно со 12 септември. вработени се 4.070 лица. Овие бројки се променети благодарение на околу 30-тина активни мерки и политики од Оперативниот план на Владата, изјави раководителот на Центарот за вработување во Крива Паланка Грозде Ѓоргиевски.
 
Во 2015 година со проектот „Македонија вработува“ се вработени 435 лица.
 
- Од вработените лица лани, 172 се до 29 години, а 263 по категории, до 35 години, од 35 до 50, 50-58 и над 58 години до пензионирање. Во моментот трае проектот „Македонија вработува 2“, со кој се вработени 35 лица опфатени со 23 фирми од двете општини, дополни Ѓоргиевски.
 
„Македонија вработува“ почна на 15 мај 2016 и ќе трае до 15 мај 2017.