Бизнис
16. January 2017 - 14:18

Намалена довербата во трговијата на мало

Индикаторот на доверба во трговијата на мало во четвртото тримесечје од 2016 година е намален за 0,2 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а зголемен за 1,6 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2015 година, оцениле раководителите на деловните субјекти. 

Според податоците на Државниот завод за статистика, економската состојба на деловните субјекти во четвртото тримесечје од 2016 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, и во споредба со истото тримесечје од 2015 година. Се очекува дека ќе биде понеповолна во наредните две тримесечја. Количината на залихите, пак, е зголемена во однос на претходното тримесечје. 

Финансиската состојба во четвртото тримесечје од 2016 година е речиси на еднакво ниво како во третото тримесечје, оценката за очекуваните порачки за наредниот период е дека ќе се зголемат, а очекувањата за бројот на вработените се дека ќе се намали.

Продажните цени во четвртото тримесечје од 2016 година минимално се зголемиле во однос на третото тримесечје, а очекувањата за продажните цени во наредните три месеци се дека ќе се зголемат.

Најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на четвртото тримесечје од 2016 година имале: зголемената конкуренција со 22 отсто, слабата побарувачка од купувачите со 20,5 и зголемената понуда на пазарот со 19 отсто.