Македонија
16. January 2017 - 8:36

Најстудено во Берово, најмногу снег во Лазарополе

Најстудено утрово е во Берово каде што се измерени -12 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. 

Дест степени под нулата се измерени во Маврово и Лазарополе, -8 во Струмица, -7 во Скопје (мерна станица Петровец) и Крива Паланка, -6 во Тетово, Тополчани и Крушево, -5 во Пожаране и Куманово, -4 во Скопје,  Штип и Ѓуриште, -3 во Виница  и Претор, -2 во Битола, Охрид и  Демир Капија, 0 степени во Гевгелија и 1 степен во Дојран.

Највисока снежна покривка од 66 сантиметри утрово е измерена во Лазарополе, 54 см во Маврово, 31 во Пожаране,  22 во Ѓуриште, 18 во Крушево, Берово и Дебар, 16 сантиметри во Тетово, 11 во Крива Паланка и Струмица, 9 во Битола и Тополчани, 7 во Куманово, 4 во  Виница, 3 во Скопје и 1 сантиметар во Претор, Демир Капија, Охрид и Дојран.

Во моментов времето е облачно и студено, во поголем дел од земјата со врнежи од снег. Без врнежи е во североисточниот дел од земјата, информира УХМР. 

Во текот на денов ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено во западните и јужните делови. Ќе дува слаб а во западните делови повремено умерен источен ветер. Максималната температура ќе се движи од -2 до 3 степени. Во Скопје ќе биде облачно со повремен снег. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.

УХМР наведува дека од денес подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на влажна и постудена воздушна маса која во наредните денови ќе предизвика претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од снег.

Врнежите ќе бидат со променлив интензитет, а повеќе ќе бидат застапени во западните и јужните делови. Пообилни врнежи се очекуваат во среда кон крајот на денот и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови. Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе биде без поголеми промени и во интервал од -3 до 4 степени.

Од петок се очекува стабилно и суво време со благ пораст на дневната температура.