Македонија
12. November 2019 - 13:22

Најсофистицирана информатичка опрема за Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска официјално е предадена најсовремена техничко-технолошка информатичка опрема, донација од Кралството Норвешка.

На примопредавањето на опремата присуствуваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со Егил Далтвејт, воено аташе на Кралството Норвешка акредитиран во Белград, задолжен и за нашата држава и деканот на Воената академија полковник Орце Поповски, изврши увид во новореновираните и комплетно опремени лаборатории во кои е инсталирана напредната образовна технологија наменета за проектот за напредно учење на далечина.

Според Шекеринска оваа инвестиција во квалитетот на учење и на работа, им се нуди на младите питомци, затоа што, како што рече, тие ќе бидат оние кои ќе влезат во својата кариера како офицери на НАТО.

За министерката за одбрана, со посетата на реновираните лаборатории се испраќаат две пораки и тоа дека како држава сме подготвени да бидеме членка на Алијансата и оти нашите подготовки за членка на НАТО не се сведуваат исклучиво на стандардното воено знаење, физичката спремност, воените вештини. Заканите во 21 век, истакна Шекеринска, се различни и одбраната треба да биде со многу сајбер елементи, многу пософистицирана технологија, а тоа го менува концептот на образование.

Додаде дека кадетите во  Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје ќе ги имаат истите можности и шанси кои се нудат во други постари институции од ваков карактер.

– Нашата цел е многу поамбициозна, а тоа е еден дел од овие обуки да ги понудиме на други институции во државата и повеќе да ја развиваме регионалната компонента на Воената академија. На ваков начин и питомците кои сега студираат на Воената акдемија од Косово, од Црна Гора и од Босна и Херцеговина, ќе имаа повеќе линкови со нас. На ваков начин  ќе може овие капацитети да ги развиеме во вистински институт прво за сајбер технологија, а потоа и многу поамбициозно и некој тип на регионална сајбер академија, што ќе покаже дека сме инвестирале во т.н. паметна одбрана, рече министерката Шекеринска.

Военото аташе Далтвејт, потенцира дека за Кралството Норвешка нашата држава е многу важна, но најважно е, рече, што ќе станеме нивни сојузници.

– Можам да Ве уверам дека Норвешка ќе продолжи, како и во изминатите години, да биде силен партнер на оружените сили на Северна Македнија и ќе продолжиме, како пријатели, да ве поддржуваме во вашите евроатлантски интеграции и со нетрпение очекуваме да работиме со Вас, изјави Егил Далтвејт, воено аташе на Кралството Норвешка акредитиран во Белград, задолжен и за нашата држава.

На кадетите во Воената академија им порача да ја користат опремата, да бидат критични кон инструкторите и кон себе и секогаш да се стремат кон она што најдобро го можат затоа тие, но и нашата држава тоа го заслужува.

Според полковник Орце Поповски, декан на Воената академија, опремата претставува почеток на нова ера во едукациските, во образовните процеси што ќе ги води во иднина Воената академија. Значи и осовременување, истакна, како и пристап до светското знаење преку оваа најсовремена технологија. Тој изрази надеж дека со оваа опрема Воената академија ќе биде на повисоко ниво, на раминште на воените академии и Универзитети во регионот и во Европа.