Македонија
6. March 2017 - 11:39

Најмалку фискални сметки се издаваат за извршени услуги

Во Македонија најмалку се издаваат фискални сметки  за услуги  за одржување и за поправки на домот, за изнајмување имот, како и за занаетчиски услуги, а најредовно за професионални услуги, покажуваат денеска објавените резултати од истражувањето на Центарот за креирање и истражување политики (ЦИКП). 

Теренската анкета е спроведена во мај и јуни минатата година врз 1.097 испитаници на територијата на Македонија, со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности и да ги спореди со резултатите од ваквата анкета од октомври 2014 година.

Повеќе од  половина  од  испитаниците, 54 проценти, изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за  разни искористени услуги  во  последните  три месеци сметани од моментот  на  анкетирање.

За услуги за одржување на домот фискална сметка била издадена на 17 проценти од испитаниците, за поправки на дом 21 процент, за изнајмување имот 30 проценти, а за занаетчиски услуги 36 проценти.

Осумдесет и пет проценти од испитаниците, пак, добиле фискални сметки  за  професионалните  услуги, како што се сметководство,  психолог/психијатар, архитектура/дизајн, како и за  транспортни  услуги  (75 проценти). Поголемиот  степен  на  даночна  дисциплина  кај  професионалните  и транспортните услуги, според ЦКИПМ, се должи на поголемиот степен на законска регулираност на тие економски гранки и построга и посеопфатна контрола од страна на одговорните институции (УЈП, Финансиска полиција, инспекторати..).

Според анкетатата на ЦКИП, неиздавањето  фискали  сметки  за  извршени  услуги  е поголем и похроничен проблем од издавањето фискални сметки за стоки и разни добра. Кога се работи за даночна евазија поврзана со издавањето  фискални сметки за разни стоки  и  добра има со издавањето фискални сметки за разни стоки и добра има  непроменета ситуација и во 2014 и 2016 година. Околу 13 проценти од испитаниците во минатиот месец немаат добиено  фискална  сметка  за козметички производи, околу 17 проценти за облека и обувки и околу 11 проценти за храна и разни намирници.

Како што е  наведено во истражувањето, даночната  дисциплина  бележи  двојно влошување  во  категоријата  „алкохол  и тутун“  каде  што  дури  на  20 проценти  од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец споредено со 12 проценто од испитаниците во 2014 година. Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци, а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса, потенцира Центарот за креирање и развој на политики. 

Според ЦКИП, охрабрува тоа што според податоците од анкетата граѓаните се посвесни за важноста на плаќањето даноци и почесто се изјаснуваат дека неплаќањето даноци не треба да се толерира. Седумдесет и еден процент од испитаниците не се согласуваат дека неплаќањето даноци треба да се толерира (во споредба со 61 процент во 2014г), а 75 проценти се свесни дека неплатените даноци негативно влијаат на локалната економија (во споредба со 68 проценти во 2014).

Центарот за креирање и развој на политики наведува дека како и повеќето од 28-те земји од ЕУ, Македонија применува мерки насочени кон непријавената работа и даночната евазија, кои главно се насочени кон репресивни и казнени мерки, со исклучок на некои скорешни мерки за формализирање на работните места и бизнисите.

- Владата на РМ најпрво треба да размисли за менување на балансот помеѓу постојните казнени мерки (со прогресивни стапки на казнување) и второ, на балансот помеѓу казнените мерки и стимулации. Бизнисите тврдат дека недостасуваат стимулации-поентирајќи дека ова е главната причина за сокривање на економската активност. Зајакнато со превентивни мерки, како што се зголемен и подобро насочен продор и едукативни мерки кон главните ризични групи, може да се поврати балансот во корист на зголемено формализирање на економијата, стои во резултатите од истражувањето.