Македонија
1. јуни 2020 - 16:47

Најголем дел од заразените во Штип се текстилни работници - се бара затворање на конфекциите

Jасно e како бел ден дека во Штип, сите новозаразени припаѓаат на еден кластер кој се прошири помеѓу текстилните работнички. Од „Гласен текстилец“ велат дека, иако работничките се жалат, се уште конфекциите си работат под полна пареа, посебно оние во кои има текстилни работнички кои биле во контакт со првозабалените.

„Плачат на телефон... до таму е... Ниту се ослободени од работа, ниту некој планира нешто да направи. Денеска од Кризниот штаб на национално ниво и овој во Штип, очекувам конфекциите да бидат затворени. Зошто?... Затоа што не ги почитуваа ниту една од мерките, ниту една од уредбите, ни една препорака. Секоја чест на ретки исклучоци кои се оградија од останатите, за кои бараме кривична одговорност, бидејќи ниту се грижеа за животот и здравјето на работничките, ниту пак за колективното здравје на цел еден град како што е Штип“, изјави Кристина Ампева, „Гласен Текстилец“, Штип.

Се уште има време ширењето на заразата да се стави под контрола, додава Ампева, само треба под итно да бидат затворени конфекциите.

„Добро знаеме, од Штип сме, дека во 80% од случаите, на работничките наместо по 20 дена годишен одмор, со години им беа давани само по 5 дена одмор. Сега е време, поради својата несовесност да ги пуштат на одмор“, изјави Ампева.

Јавна тајна е дека некои конфекции работеа и во полициски час, додека граѓаните останаа затворени во своите домови. Ниту еден случај на заразен не е регистриран на отворено, на шеталиште или улица, но сепак упорно се настојува јавните површини да бидат празни, а конфекциите и автобусите со кои се превезуваат да бидат полни.