Македонија
12. April 2020 - 17:09

Најдолгиот полициски час завршува утре наутро, следниот викенд 24 часа повеќе

Полицискиот час за време на Велгиденските празници најверојатно ќе биде подолг и од овој викенд, најавува Министерот за здравство Венко Филипче, но нема да почне во четврток во 16 часот како што се претпоставуваше. Се планира забраната за движење да трае од петок во 16 часот до наредниот вторник по Велигден.

Од 18 март кога беше воведен полицискиот час, повеќе од 2.000 граѓани ја прекршиле забраната за движење. Изминатово деноноќие, кое е дел од најдолгиот полициски час до сега, регистрирани се 138 граѓани кои не ја почитувале мерката. Од нив 117 се приведени од кои и двајца малолетници.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, полицискиот час најмногу го почитуваат децата и старите лица над 67 години, кои имаат најригорозна забрана за движење и можат да излегуваат надвор само во период од два часа во текот на работните денови.

Најголем број на лица кои не ја почитувале мерката има во Скопје. Од почетокот на вонредната состојба до сега 732 граѓани се движеле за време на полицискиот час. Од нив приведени се 380, а со опомена поминале 142 лица, дополнителни мерки ќе им се изречат на 155 лица.

Од прекршителите во главниот град, 37 биле малолетници и од нив 21 бил приведен. Само 7 стари лица над 67 години го пркшиле полицискиот час во Скопје.

Во Битола, пак, бројките покажуваат поинаква тенеденција. Таму дури 31 лице над 67 години не ја почитувале мерката за забрана на движењето. Вкупниот број на пркршители од 18 март во овој град изнесува 261 лице.

Многу прекршители има во Струмица. Дури 334 граѓани не ја почитувале забраната. Високи бројки на прекршители има и во Штип, Велес, Куманово,Охрид.

Во услови на полициски час, МВР бележи пониски стапки на сообраќајни прекрошци, несреќи, кражби.

Сепак, исклучоци има. Во полицискиот билтен од 11 април, стои дека скопската полиција во два оддлени случаи уапсила чица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело тешка кражба.

 Во првиот случај, во утринските часови на вчерашниот ден, полициски службеници на подрачјето на Чаир, за време на забраната за движење, уапсиле 21-годишна скопјанка, затоа што при извршен преглед кај неа биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело тешка кражба.

Во попладневните часови, пак, при полициска патрола на булеварот „Филип Втори Македонски“, уапсен бил 41-годишник од селото Кучевиште, кај кого исто така биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека се украдени.

Забележени се и неколку тепачки, најчесто меѓу комшии, за време на полицискиот час. Има пријави и за семејно насилство.