Македонија
25. November 2016 - 15:31

Награди за младите на конкурсот по повод Денот на штедењето

Финансиската едукација кај младите е важна за развојот на државата, на економијата и финансискиот систем. Од неа младите ги учат вистинските вредности на животот и од тоа понатаму зависи и работењето на корисниците, но и на давателите на финансиските услуги.

Ова се пораките што денеска ги упатија првите луѓе на клучните финансиски институции до младите кои се добитници на наградата од конкурсот по повод Денот на штедење - 31 Октомври.

Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска ги доделија наградите за најуспешните ликовни и литературни творби пријавени на конкурсот.

- Младите генерации штедењето и осигурувањето ги учат на вистинските вредности во животот, а тоа е дека во животот може да се успее со труд, со посветена работа и штедливост, а преку осигурување учиме дека животот е преполн со ризици, рече министерот за финансии Кирил Миноски.

Тој додаде дека во Министерството за финансии благодарение на овие вредности се грижат за финансиските средства на сите граѓани на РМ. Тие средства, истакна,  ги распределуваме на соодветен начин да можеме да инвестираме во образованието, здравствени установи, културата, спортот и сите сфери неопходни за функционирање на една држава.

Гувернерот на НБРМ Димитар Богов потенцира дека  финансиите се комплицирани и постојано се усложнуваат работите таму и затоа е потребно повеќе да се знае.

- Ова е петти конкурс и пет години се работи интензивно во оваа сфера за да се подигне знаењето не само на најмалите, туку и на целото население бидејќи од знаењето што го имаат корисниците на финансиските услуги многу зависи какво ќе биде и работењето и на коирсниците, но и на давателите на финансиски услуги, истакна богов.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија во осигурувањето Климе Попоски посочи дека финансиската едукација на младите е значаен фактор за развој на државата, на економијата и финансискиот систем.

Тој прече дека неодамнешно истражување на ОЕЦД покажало дека од 2,2 милијарди млади во светот, 10 проценти  имаат пристап до финансиската едукација, што покажува дека тука има потреба да се работи.

На Конкурсот годинава пристигнале 407 литературни и ликовни творби од кои 15 беанаградени со паричен награда од 3.000 денари.