Македонија
30. January 2020 - 14:16

Над половина од Македонците интернетот го користат за читање вести, само девет проценти за барање работа

Во ЕУ 63 проценти од луѓето на возраст од 16 до 74 години кои користеле интернет во последните три месеци рекле дека го користат за читање на вести. Најмногу вести на интернет читаат жителите на Данска – 82 проценти, а најмалку на Романија – 40 проценти. Кај нас тоа го прават 54 проценти од граѓаните кои користат интернет, покажуваат податоците од истражувањето на Евростат за користењето на интернет и комуникациски технологии во 2019 година.

Во регионот најмногу вести на интернет минатата година читале жителите на Хрватска – 72 проценти, по што следат Грција со 66 проценти и Словенија со 62 проценти. Најмалку го користеле интернетот за читање на вести жителите на Босна и Херцеговина 44 проценти, Бугарија – 45 проценти и Србија – 54 проценти.

За онлај учење интернетот во ЕУ го користеле 23 проценти од луѓето. Најмногу во Шведска – 41 процент, а најмалку во Грција – 8 проценти, додека кај нас 14 проценти.

Во регионот онлајн учење на интернет најмногу користеле во Србија – 29 проценти, по што следат Словенија со 23 проценти, Хрватска со 16 и Црна Гора со 12 проценти. Најмалку го користеле жителите на БиХ –  6 проценти и на Бугарија – 9 проценти.

Споре истражувањето само 17 проценти од луѓето во ЕУ рекле дека го користат интернетот за барање на работа. Најмногу во Данска – 37 проценти, а најмалку во Романија – само 5 проценти. Кај нас работа на интернет барале само 9 проценти.

Од регионот најмногу работа преку интернет барале жителите на Косово – 15 проценти, по што следат Хрватска и Србија со по 14 проценти, Грција и Словенија со по 13 проценти, па Бугарија со 7 проценти и Босна и Херцеговина со 4 проценти.

Според истражувањето на Евростат, во 2019 година 87 проценти од луѓето на возраст меѓу 16 и 74 години во ЕУ користеле интернет во последните три месеци. Најмногу или 98 проценти жителите на Шведска, а најмлаку 68 отсто во Бугарија. Кај нас интернет во последните три месеци користеле 81 процент од населението на возраст од 16 до 74 години. Ова е раст од 50 проценти во 2009 година и 70 проценти во 2015 година.