Македонија
14. March 2021 - 8:38

Над илјада заболени од Ковид-19 вчера, во моментов има околу 400 празни болнички кревети

Во моментов во земјава се активни 11 641 случаи на заболни од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега во земјава се регистрирани 112 107 дијагностицирани лица, оздравеа 97 166 лица, а починаа 3300. Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство дневниот биланс достигна четири цифрена бројка – 1031 нов случај на заболени од Ковид 19 од направени 4.373 тестирања. Од нив, речиси половина се во Скопје – 492. Вчера беа регистрирани и 20 починати пациенти на возраст од 50 до 93 години.

Бројот на новозаболените изминатиот период бележи раст. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје има зголемување за 23 отсто на случаите во однос на минатата недела. 

Според директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, Милена Стевановиќ растот се должи на непочитувањето на мерките, но и на ширењето на британскиот сој на вирусот.

– Зголемувањето на бројката на нови инфицирани секогаш се должи пред се на непочитување на мерките. Се разбира и еден висок процент од околу 70 отсто на асцилирање на британскиот сој носи со себе своја одговорност за покачувањето на бројките, со тоа што една од неговите карактеристики е побрзо, полесно ширење меѓу популацијата. Но, пред се, е непочитувањето на мерките, истакна Стевановиќ во интервју за МИА.

Зголемувањето на бројот на новозаболени ги пополнува и болничките капацитети. Стевановиќ посочи дека тие се практично пополнети, токму заради тоа повторно е отворена и модуларната болница, поради тоа се отвораат и интернистичките оддели повторно и тоа се разбира се должи на зголемениот број на новоинфицирани.

– Има стравувањата од појава на пациенти кои ќе имаат потреба од болничко лекување, така што многу интензивно се трудиме да испишуваме пациенти, но исто така и да примаме, така што практично испис за прием се случува и на тој начин се трудиме да дадеме здравствена грижа, нега, третман на секој еден пациент кој има потреба од лекување. Јас очекував дека и до крајот и тогаш кога ќе се затворат сите останати оддели, Инфективната клиника веројатно повторно ќе биде со максимално исполнети капацитети, додека конечно не го затвориме и последниот Ковид-центар, односно Клиниката за инфективни болести, рече Стевановиќ во интервјуто за МИА.

Според последните податоци од Министерството за здравство вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 995, а има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите.

На инфективните оддели во главниот град се лекуваат вкупно 406 пациенти сомнителни и потврдени за Ковид-19 и голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворени се и ковид центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за Гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и ковид центарот на Клиниката за уво нос и грло. На Интерните клиники вкупно се лекуваат 166 пациенти.

Од Министерството соопштија дека вкупно 589 пациенти позитивни или суспектни на корона вирусот се лекуваат во ковид центрите во болниците низ државата.