Македонија
25. August 2019 - 20:04

Над 640 првачиња оваа учебна година во гостиварските училишта

Гостиварската локална самоуправа ги приврши подготовките за почетокот на претстојната учебна година. Постапките околу набавките за огрев и превоз се завршени, а се очекува и поголем број на првачиња да седнат во училишните клупи.

Во општинскиот сектор за образование според последните податоци оценуваат дека има благ тренд на зголемување на бројката на учениците.

– Во основните училишта во градот и околните села, запишани се 642 првачиња, а вкупната бројка ќе се знае со почетокот на школската година. Зголемување има и во средните училишта каде во прва година се запишани 921 ученик. Споредено со ланските, бројките се поголеми за дваесетина ученици и во основните и средните училишта, рече Аслијан Снопче, раководител на секторот за образование.

Таа потврди дека привршиле и непоходните подготовки со дезинфекција на објектите и дека се подмирени сметките за изминатиот период.