Македонија
18. January 2021 - 9:12

Над 4.000 оздравени од КОВИД-19 за два дена, активни вкупно 12.635 случаи

 

Бројот на оздравени пациенти од КОВИД-19 во последните два дена е по над две илјади дневно, односно само за викендот оздравеле вкупно 4 125 лица. Во деноноќието меѓу саботата и неделата се регистрирани 190 нови случаи, од направени 1 530 тестирања.

Во истиот период починале шест лица, четворица пациенти од Скопје на 60, 74, 44 и 86-годишна возраст, еден 72-годишен од Куманово и еден 64-годишен пациент од Гостивар. Пациентите се починати во болнички услови.

Бројот на активни случаи во државата изнесува 12 635, од кои 58 проценти или 7 373 се во главниот град Скопје, по што следат Тетово со 466, Куманово со 452 и Кавадарци со 403.

Во болниците во Скопје и низ државата има вкупно 685 ковид пациенти, а според информациите од Министерството за здравство има околу 616 празни болнички кревети во ковид центрите.

Планот за вакцинација е подготвен, а следниот месец, според здравствените власти, се очекува да пристигнат првите дози вакцини во државава од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот.

Според министерот за здравство Венко Филипче, здравствениот систем е целосно  подготвен за вакцинација.  Веќе се пристигнати два фрижидера кои беа најавувани како донација за фајзеровата вакцина која се чува на -70 степени, а уште три се очекуваат во текот на следните недели. Во еден фрижидер може да се складираат 100 илјади дози вакцини.

Филипче најави дека за кратко време ќе биде склучен договорот со Фајзер од каде се очекуваат 5.850 дози во февруари, а по 17.500 во март и во април. Во февруари, тврди министерот, ќе пристигнат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто е направена уплата и е обезбеди соодветна гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.

Според планот, во првата фаза на вакцинација се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите кадешто се прави дијагностика, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години коишто имаат коморбидитети. Во втората група се останатите здравствените работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите и секако пациентите од другите возрасни групи коишто имаат хронични болести.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88 938, бројката на оздравени пациенти е 73 601, на починати е 2 702, а бројот на активни случаи изнесува 12 635.

Во глобални рамки, пак, бројот на заразени со Ковид-19 се искачи на над 95 милиони, а од последици од заразата починале 2.034.623 луѓе, додека оздравеле приближно 68 милиони.

Според податоци на сајтот „Ворлдометер“ од почетокот на пандемијата до вчера со Ковид-19 во светот се инфицирани 95.168.543 луѓе, а оздравеле 67.937.306 лица.

Најпогодени од пандемијата се САД, каде се регистрани над 24,3 милиони пациенти и повеќе од 405.000 смртни случаи. По бројот на смртни случаи на второ место е Бразил, каде од последици од Ковид-19 починале 209.350 луѓе, а вкупно заразени се над 8,4 милиони лица. Потоа следи Индија со над 10,5 милиони инфицирани луѓе и над 152.000 смртни случаи.

Епидемиологот и член на Научниот совет на Франција, професор Арно Фонтане за РТЛ изјави дека по пандемијата со Ковид-19 враќање на нормалниот живот очекува во последниот квартал од 2021 година, но оти за тоа „ќе треба поголема дистрибуција на вакцините“,