Бизнис
15. September 2019 - 19:25

Над 150 проекти во вредност од 40 милиони евра искористени од ИПА фондовите за погранична соработка

Пограничните региони помеѓу Македонија и Бугарија максимално ги користат можностите за реализација на заеднички проекти.

Соработката континуирано се подобрува  а бројот на проектите кои се финансираат  преку ИПА програмата е се поголем. За десетина  години преку оваа програма реализирани се близу 150 проекти вредни околу  40 милиони  евра.

Неодамна  беа склучени нови 17 договори тешки околу 7 милиони евра кои се дел од вториот повик  од вториот програмски период. Интерес за финансирање преку оваа програма има од општините, преку невладините па се до синдикални организации, а областите во кои се финансираат проектите се различни.

-ИНТЕРРЕК ИПА програмата за прекугранична соработка се фокусира на мерки насочени кон ублажување на последиците од климатските промени, решавање на прашања од заштита на природата, понатаму одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и управување со ризици во прекуграничниот регион. Покрај тоа,  фокус на програмата е заштита на природното и културното наследство во регионот, а финансирањето треба да помогне кон зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија, но и во олеснување на нивниот пристап до нови пазари, вели Ирена Бабамова Стојчева, проект менаџер.

Средствата од оваа програма само на македонска страна  ги користат над милион жители од Свероисточниот, Источниот  и Југоисточниот плански регион.

Според најавите финансирањето преку ИПА  програмата ќе продолжи и во наредните години. Во тек се јавни консултации помеѓу сите чинители од двете засегнати страни за новиот програмски период 2021 – 2028.

По консултациите ќе се знае кои  кои ќе бидат приоритети на новото програмирање.