Македонија
30. October 2019 - 20:13

Над 100 пожари во пелагонискиот регион, причина се запалени стрништа

За два дена во пелагонискиот регион има над 100 пожари, а причината се запалени стрништа. Токму од запалено стрниште, беше зафатена и пругата кај Новоселани што предизвика застој во железничкиот сообраќај и доцнење на возот кој сообраќаше од Скопје до Битола кој на железничката станица во Битола синоќа пристигнал со три часа задоцнување.

- Најзагрозени од тоа самоволие на земјоделците  беше тоа што беше опожарен магацин на ЗК Пелагонија во Долно Српци и опожарена беше пругата кај Новоселани. Патниот соообраќај беше прекинат, се додека не се изгасна дрвената конструкција на пругата, да не дискутираме за загаденоста на амбиенталниот воздух, изјави Костадин Поповски, командир на ТППЕ Битола.

Битола и денес беше еден од најзагадените градови во државата, а веќе неколку дена граѓаните реагираат дека над Битола има голем облак од чад. Поповски вели дека ова што се случува во Пелагонија е невидена ситуација.

- Она што се случуваше во атарот на селата  Лознани, Новослелани, горно српци, вашарејца, кукуречани, јас во мојата професионална кариера не сум го видел, огромно непшто, нешто што мотивот на земјоделците беше дали тоа што доаѓа дождови па ги палат масовно, ова беше невидено, изгледа применуаат нова тактика, ги палеа дење, сега ги палат ноќе и да сака ТППЕ во такви терени не можеме да делуваме, вели Поповски.

Градоначалничката вели дека е побарано инспекциските служби да делуваат.

- Сепак мора да се работи на свеста на самите граѓани, но свеста се подигнува со мерката за инспекциски увид. Она што како градоначалник го имам побарано е соодветните инспекциски служби да делуваат, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Од битолската полиција пак велат дека постапуваат по секоја добиена пријава за настанат пожар, а најчесто во последно време се работи за запалени стрништа каде што има причинета материјална штета, при што секторот презема активни мерки за прибирање информации и сознанија за откривање на можни сторители, информираат од СВР Битола.