Македонија
27. September 2017 - 18:06

Началникот на ГШ на АРМ во посета на БиХ

Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, кој престојува во дводневна официјална посета на Босна и Херцеговина денеска во Сараево се сретна со началникот на здружениот штаб на вооружените сили на БиХ генерал-полковник Анто Јелеч, со босанската министерката за одбрана Марина Пендеш и со командантот на мисијата ЕУФОР-Алтеа генерал мајор Антон Валднер.

Главни теми на официјалната средба со генерал-полковник Анто Јелеч, информираат од македонското Министерство за одбрана, беа унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, разгледување на можностите за проширување на меѓусебната воена соработка и заедничкиот придонес на двете армии во проектите за регионална соработка. 

- Генералите Величковски и Јелеч за време на средбата посебно ја истакнаа важноста на регионалните безбедносни иницијативи кои имаат особено значење не само за двете земји, туку и за целиот регион, особено во случај на природните катастрофи и предизвиците од миграциската криза. За време на состанокот беше констатирано дека е потребно да се изнаоѓаат приоритетите за зајакнување на меѓусебната воена соработка во остварување на заедничките стремежи кон полноправно членство во евроатланските интеграции, соопшти МО.

На средбата со министерката Пендеш била констатирана одличната соработката на полето на одбраната помеѓу армиите на двете земји, при што се нагласиле досегашните облици на соработка во областа на военото образование како што се школување на питомци од БиХ на Воената академија во Македонија, заедничките вежби и курсеви.

За време на престојот во Сараево македонската воена делегација го посети и кампот Бутмир, при што се сретна со припадниците од АРМ кои се во состав на меѓународната мировна мисија ЕУФОР-Алтеа, а генералот Величковски имаше состанок со командантот на мисијата генерал мајор Антон Валднер. На средбата се разговарало за учеството и придонесот кој го дава Република Македонија во оваа мисија на Европската унија во која АРМ учествува од 2006 година со повеќе контингенти во различни состави.

За време на дводневниот престој во Босна и Херцеговина, армиската делегација ќе се поклони пред споменикот на загинатите 11 припадници на АРМ кои  го изгубија животот по враќањето од мисијата Алтеа, како и пред спомен обележјето на местото на загинувањето на претседателот Борис Трајковски во Ротимље.