Свет
16. April 2020 - 8:41

На француски носач на авиони со Ковид-19 заразени речиси 700 морнари

Речиси 700 морнари на францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ се позитивни на коронавирусот, соопшти француското Министерство за одбрана.

Како што се наведува во соопштението, тестирани биле 1.767 морнари, речиси сите од Шарл де Гол, а резултатите покажале дека најмалку 668 биле заразени со вирусот.

Вкупно 31 член на екипажот се во болницата.

Овој носач на авиони, кој неодамна учествуваше на вежби со северноевропски морнарица во Балтичкото Море, пристигна две недели порано во Тулон, град на југот на Франција, бидејќи околу 40 членови на екипажот покажаа симптоми на коронавирусот.

Шарл де Гол е вториот носач на авиони во светот на кој официјално е потврдено присуство на коронавирусот, после американскиот носач на авиони Теодор Рузвелт.

Шефот на француската морнарица нареди истрага.