Македонија
14. February 2018 - 13:38

На Детската клиника вработени 20 медицински сестри, наскоро уште толку

Добиена е дозвола за вработување со договор на дело за 20 медицински сестри и тие почнаа со работа. Тие претходно беа инволвирани по одделите. Очекуваме одобрување за вработување на дополнителни 20 сестри. Има поголема потреба од сестри, но и со овие 40 медицински сестри ќе се подобри состојбата. 

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести, д-р Катарина Ставриќ, која рече дека сестрите кои почнале и ќе почнат да работат ги очекува период на специфична едукација на одделите.

- Одделението за хематологија функционира, пет од 20-те сестри работат, а од втората група сестри во тоа одделение ќе бидат ангажирани уште три. Моментално на Одделението за онкологија се хоспитализирани 12 деца, а три четири деца на хематологија, рече д-р Ставриќ, одговарајќи на новинарско прашање по предавањето на донацијата апарат „Vein Finder“ за полесно наоѓање вени кај мали деца од Центарот за дијализа Диамед Македонија.

Катарина СтавриќД-р Ставриќ рече дека сестринскиот кадар на таа Клиника е намален, оптеретени се со дежурства, релативно се возрасни со хронични заболувања, а добар дел од нив често пати земаат боледувања. Таа изрази надеж дека со овие 40 сестри ќе се подобри тој дел од работата.

- Недостига кадар се бидејќи кадровската политика во последните години била лоша, а голем дел од сестрите и докторите заминаа во приватните болници. Дел од сестрите заминаа во Германија. Старосната возраст на докторите е голема и ни недостигаат доктори на сите оддели. Ние сме Клиника со 13 оддели и секоја супспецијалност има двајца до тројца специјалисти, тоа е премалку за да се организира работата, а посебно имајќи предвид дека дел од докторите дежураат покриваат одделение, супспецијалистичка амбуланта, професорите се вклучени во настава, во едукација...Има потреба од повеќе доктори по одделите, рече д-р Ставриќ.

Посочи дека имаат специјализанти, а дел од нив веќе се вклучени во одредени оддели за да се насочуваат во процесот на едукација.

Недостига нова апаратура, потенцира д-р Ставриќ и додаде дека постојната апаратура има свој век на траење и треба постојано да се обновува.

- Апаратура без специјалисти, без доктори не ви користи. Затоа акцентот ни е ставен на создавање кавалитетен кадар, на преност на знаењето од постојните супспецијалисти на младите за да можат да бидат ефикасни во поставување на дијагнозата. Соработуваме и со другите институции во рамки на Клиничкиот центар. Застој во работењето нема. Ова е врвна установа, сите тешки пациенти доаѓаат тука и се успева и со пожртвуваност и на докторите специјалисти и на сестрите да се даде врвна здравствена заштита. Во моментот околу 120 деца се хоспитализирани, а околу 20 има во дневната болница, додаде д-р Ставриќ.