Loading Video...
Македонија
4. May 2020 - 16:47

На денешен ден пред 40 години почина доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито

Денеска се одбележуваат 40 години од смртта на поранешниот претседател на Југославија и борец против фашизмот Јосип Броз Тито. Личност чие име светот го памети и денес. Тажната вест која ја слушнаа граѓаните пред 4 децении, значеше и почеток на крајот на Југославија.

Една од највпечатливите сцени на вест за смртта на претседателот Јосип Броз Тито се случи во Сплит. Во момент на објавата за смртта на Тито на стадионот „Пољуд“ се играше 43.минута од фудбалскиот натпревар меѓу Хајдук и Црвена Звезда, која водеше со 1:0.

Здравствената состојба на Тито се влошила 5 месеци порано, во јануари, кога бил пренесен во болница. Поради проблеми со циркулацијата, пред смртта докторите му ја ампутирале ногата. Во февруари е во кома, а три месеци подоцна починал. Веќе утредента со воз, од Љубљана преку Загреб, во Белград е донесено неговото тело. Три дена подоцна на неговиот погреб присуствувале 700.000 луѓе. 209 од нив врвни политичари од 128 земји ширум светот.

Тито е роден во Кумровец,тогашна Австро-Унгарија, во мешовито хрватско-словенечко семејство, 1892 година. На чело на Југославија беше цели 35 години.

Тој ја предводеше борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година, беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили од крајот на Втората светска војна, па сè до неговата смрт.

Благодарение на Тито, Македонија по втората светска војна станала сојузна република во рамките на Југославија со посебна култура, историја и јазик.