Македонија
3. April 2018 - 16:57

На 12 април можна нова средба Коѕијас - Димитров?

Димитров ќе го пречека Коѕијас во Скопје веднаш по Велигден. Третата средба во еден месец според изјавата на лидерот на една од партиите дел од коалицијата на Ципрас ќе се одржи на 12 април.

За информациите нема официјална потврда ниту од македонското ниту од грчкото МНР, но средбата веќе ја најави македонскиот шеф на дипломатијата по последната рунда преговори во Виена.

Грчките медиуми пишуваат дека ова може да биде последна средба на министрите за надворешни работи. Според ЕРТ, доколку се постигне напредок во преговорите, процесот ќе го преземат премиерите Ципрас и Заев.

Токму тие според грчките медиуми ќе треба да најдат начин како да се постапи во ситуација кога македонската влада нема двотретинско мнозинство во Собранието а измените на Уставот се клучен услов за Атина.

Катимерини пишува за две можни сценарија за времено надминување на овој проблем.

Според првото, Македонија со Меѓународен договор кој ќе им го достави на сите меѓународни организации ќе се обврзе дека ќе  ги направи потребните измени меѓу кои и условот Ерга Омнес кој бара промена на Уставот.

Второто сценарио кое  според Катимерини се разгледува во Атина е можноста Македонија на самитот на НАТО во Јули да добие посебен надграден однос со алијансата а статус на земја членка да добие тогаш кога ќе го промени Уставот.

Додека власта се готви за новата, политичката елита го чека брифингот од последната рунда преговори во Виена. Иако првично беше најавена лидерска средба, Димитров деталите од Виена му ги соопшти само на Заев. Не се одржаа ниту најавените билатерални средби со шефот на државата и лидерот на опозицијата. Според неофицијалните информации од МНР, ќе се чека и скопската средба со Коѕијас по што најверојатно ќе се одржи лидерска средба.