Кошарка
23. July 2016 - 14:12

МЗТ Скопје се засили со репрезентативец на Холандија

  

 
 
Холанѓанецот со суринамски пасош, Шарлон Клоф (26 год., 190 см.) е нов член на кошаркарскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска финишираа сите формалности околу потпишувањето на договорот, кој е со важност од една сезона.
 
Станува збор за кошаркар кој игра на двете бековски позиции и кој беше дел од селекцијата на Холандија на ланското Европско првенство (ЕП). Клоф на средбите од прелиминарната група во Загреб имаше просек од 16,2 поени, 4,6 скока и 3,2 асистенции, а на пресметката со Македонија, која заврши со триумф на жолто-црвените, реализира девет поени со пет скока.
 
Бекот во таборот на МЗТ Скопје Аеродром доаѓа од редовите на италијанскиот прволигаш Торино. Претходно, Клоф има играно во Турција, Грција како и во американската НЦАА-лига.