Кошарка
13. November 2019 - 15:17

МЗТ Скопје Аеродром сепак ќе игра во елитната АБА конкуренција

 
Додека сениорскиот тим на македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром се бори за влез во прволигашката конкуренција на регионалната АБА лига, младинците на аеродромци ќе имаат можност да се надигруваат со нивните врсниците во елитната конкуренција. 
 
Имено екипата на МЗТ Скопје Аеродром, која минатата година ја освои шампионската титула во генерацијата до 18 години, сега ќе има можност да игра на еден од двата полуфинални турнири во АБА лигата за кошаркари до 19 години. Најголемиот дел од кошаркарите на МЗТ кои ќе игра во АБА лигата се дел од втората екипа на овој тим која годинава се натпреварува во домашната прволигашка конкуренција. 
 
Третото издание на младинската У19 АБА лига ќе започне на 28 ноември, а 12-те екипи ќе бидат поделени во две групи. 
 
МЗТ Скопје ќе игра во Б групата, во салата „Јазине“ во Задар, каде покрај домаќинот на турнирот за противници ќе ги има и врсниците од Цедевита Олимпија, Црвена Звезда, Приморска и Морнар. 
 
Во групата А, во Белград, ќе се надигруваат тимовите на: Будуќност, Цибона, Игокеа, Крка, Мега Бемакс и Партизан 
 
Двете најдобропласирани екипи на двата полуфинални турнири ќе се квалификуваат на завршниот „Фајнл фор“ турнирот.  Цибона е тимот кој ќе го брани трофејот, освоен во претходната сезона, а Мега Бемакс е првиот тим кој ја освои титулата во У19 АБА лига.
 
Учеството на МЗТ Скопје Аеродром во ова натпреварување е само уште една потврда повеќе, дека во редовите на македонскиот шампион се работи плански, и дека се вложува и верува во младите играчи кои во блиска иднина треба да бидат и носители на играта на сениорскиот тим.