Македонија
10. August 2020 - 14:16

МЗ: Разговорите продолжуваат со цел да се изнајде најдобро и најбезбедно решение за одвивање на наставата

Комисијата за заразни болести и претставници на Министерството за образование и наука изутрината одржаа состанок на кој се дискутираше за здравствените протоколи за реализација на наставата, како и можното започнување на наставата од 1 септември. Денеска не беа донесени заклучоци во однос на овие прашања, соопшти Министерството за здравство.

Разговорите, како што информираат од Министерството, продолжуваат и во наредните денови со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата.

– Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи, што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес. Сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука. Разговорите меѓу Комисијата за заразни болести и МОН продолжуваaт утре, стои во соопштението.